Јавноста се бранува, но и се дели околу ликот и делото на историската фигура Ванчо Михајлов. Доби културен центар во Битола, зелено светло од владите на Македонија и Бугарија, но црвен картон во јавноста.
Реагираа експертската јавност, граѓаните, а на социјалните мрежи не стивнуваат реакциите. Доскорешниот партиски функционер на СДСМ и актуелен градоначалник на Куманово испрати соопштение до медиумите во кое бара оставка од министерот Бујар Османи, а од премиерот Димитар Ковачевски да ја осуди постапката на бугарската страна. Тој во долгиот напис вели дека отворањето на културниот центар е уште една во низата провокации од бугарска страна.
Во оваа прилика сакам да упатам порака и до нашиот премиер Ковачевски најпрвин сериозно да ја преиспита работата на министерот Османи, и да ги превземе сите чекори за негово разрешување, и веднаш јавно да даде изјава во која ќе ги осуди постапките на бугарскиот државен врв и ќе застане на браникот на Македонските национални интереси, што е впрочем негова уставна обврска заедно со Претседателот на државата Стево Пендаровски, наведе во писанието кумановскиот градоначалник.
Димитриевски е на страната на критичарите на Ванчо Михајлов според кои ова име кое асоцира на минатовековниот фашизам. Со таков став се и низа политички и јавни личности во земјата кој бурно реагираа на социјалните мрежи. И опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку Драган Ковачки упати барање до премиерот да сноси одгворност, но и да отвори вакви културни центри во повеќе бугарски градови.
Доколку Петков навистина се залага за европски вредности и добрососедски односи со Македонија, тогаш да отвори македонски културни центри во Благоевград, Сандански и Софија, а Ковачевски и Османи да не бегаат од јавноста и да се произнесат во однос на ова прашање, се вели во реакцијата на Драган Ковачки.
Ванчо Михајлов се раѓа во Ново Село, Штип. Се дошколува во Софија. И приоѓа на ВМРО како млад, и оттогаш започнуваат контроверзите околу него. Историјата го втемелува како водач на ВМРО, но непријател на левичарските сили во организацијата, а не е тајна дека одржувал контакт и поддршка со Анте Павелиќ водачот на Независна Држава Хрватска, квислинг државата на хитлеровиот Вермахт во четириесетите години од минатиот век.
Но, она што ја разбранува јавноста се самите зборови на Михајлов дека „Македонската нација, и македонскиот јазик не постојат, напишани во писмото што ќе го испрати „до сите браќа и сестри во Пиринска Македонија“.
Павле Беловски
