Вести Македонија

Во две фотељи не се седи- од вторник Талат Џафери не може да е премиер, туку само Маричиќ, Груби или Грковска

Ако Талат Џафери како премиер и пет министри од актуеланата Влада со верификацијата на пратеничките мандати, се вратат во ресорите со кои раководат до изборот на нови министри – ќе ги прекршат законите.

Овој пат, како и во многу претходни изборни циклуси, во пресрет на конституирањето на новииот парламент, повторно на сцена се неуставните и незаконски толкувања дека на пратениците на кои во вторник (28 Мај ) ќе им биде верификуван мандатот, а во моментов извршуваат премиерска, вице-премиерска или министерска функција, „мандатот им продолжува до изборот на нов“. А тоа не само што не е точно, туку е неуставно, незаконски и со самото тоа резултат на пресеадани или пракси кои едноставно не смеат да продолжат да се повторуваат.

А зошто Талат Џафери, Фатмир Битиќи, Илир Демири, Љупчо Николовски , Славјанка Петровска, Бисера Стојчевска Костадиновска од моментот на верификација на пратеничкиот мандат не можат и не смеат да се вратат во ресорите со кои сега управуваат?

Затоа што со тоа го налагаат прво Уставот, а потоа и Изборниот законик и Законот за пратеници. Сите тие интерпретирани во една реченица значат – нема две функции во исто време. ( И точка)

Но, бидејќи некој намерно или случајно не разбира. Да тргнеме по ред.

Според Уставот, (член 89) “Функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии“.

Но тоа не е се. Недвосмислен е и член 9 од Законот за пратеници :

„Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на Република Македонија, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија на Уставниот суд на Република Македонија, судија, народен правобранител, јавен обвинител и други носители на функции кои ги избира и именува Собранието и Владата на Република Македонија, со член на совет на општина и градоначалник на општина, односно градот Скопје и вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа…

Со денот на верификацијата на мандатот на пратеникот му престанува дотогашната функција… “

Последно, но ако се следи и линијата на мериторност, најбитниот е Изборниот законик. А тој е недвосмислен со одредбите во член 8, каде прецизно стои:

(1)     Функцијата пратеник, член на совет и градоначалник е неспојлива со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собраниетo) и Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата)…

(5) Со денот на верификацијата на мандатот за пратеник, член на совет и градоначалник на носителите на функциите од ставовите (1) и (2) на овој член, функцијата им престанува.

Сите споменати одредби се прецизни, јасни и недвосмислени. А одредбите од член од член 93 став од Уставот се неприменливи за каков било правен егзибиционизам ( какви што сме имале во т.н. преседани или пракса) бидејќи тој е исто прецизен и вели “ Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада“.

Или во ситуациите од член 93 од Уставот, станува збор за мандат на Владата како колективно тело.  Додека член 89 од Уставот и член 8 од ИЗ и член 9 од Закон за пратеници регулираат неспоивост на поедини функции. Освен тоа член 93 апсолвира ситуација во која на министрите им престанува мандатот, но тие како министри, претходно со чинот на избор на таа функција, го имаат расчистено евентуалниот конфликт на неспоивост на функции (ако воопшто го имало или таму каде што го имало) .

Точно е дека ова масовно е прекршено во 2017-тата со дел од министрите од техничката Влада на Емил Димитриев, дека во  минатото сме виделе се и сешто: Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада. Но, сето тоа било и неуставно и незаконски.

Во држава во која пред неколку месеци стручните служби во едно  министерство, заедно со оние во фамозниот владин сектор,  популарно познат како “законодавство“, а и сите водечки партии  се впрегнаа да ги спасуваат граѓаните да не останат без возачки дозволи, а при тоа заборавија дека во исто врме ги оставаат со невалидни регистерски таблички на возилата, не е ни чудно што и натаму имаме чудни, волунтаристички и пред се и над се неуставни и незаконски толкувања дека министрите кои ќе станат пратеници ќе останат на функциите до изборот на нови, но таа незаконска пракса мора да прекине. Во името на првото и Законот пред кој сите се еднакви.

Затоа, нема друго решение освен фактот дека кога во вторник, за кога е закажана конститутивната седница на Собранието, Талат Џафери, Фатмир Битиќи, Илир Демири, Љупчо Николовски, Славјанка Петровска, Бисера Стојчевска Костадиновска ( ако има други се извинувам што сите не ги проверив до последен) повеќе не можат да се вратат во своите стари фотелји, од моментот кога претседавачот со конститутивната седница че констатира дека “ Собранието им го веригфикуваше мандатот за пратеници“. По сила на закон тие повеќе не се премиер и министри.

Оттука, функцијата премиер, до изборот на новата влада може да ја извршува само некој од тројцата вице-премиери: Артан Груби, Бојан Маричиќ (во моментот е прв вицепремиер) или  Славица Грковска. Во ресорните министерства кормилото ќе го преземат замениците – министри.

Талат Џафери нема друг избор, освен  да одлучи пред да му се верифицира мандатот кому од тројцата вицепремиери ќе му го довери извршувањето на неговите надлежности. Министрите си имаат заменици и тие во целост ги преземаат нивните надлежности.

Поинакво правно толкување нема и не може да има. А да не се соочи со незаконитост, и како акт и од аспект на можно преиспитување на сите одлуки што во меѓувреме ќе ги носат, доколку одлучат да се приклонат на незаконската пракса.

Со оглед на реториката во стилот да ги спасиме институциите киднапирани од ДУИ, која доминираше пред се во изборната кампања пред се на стожерната партија од новата владина коалиција ВМРО- ДПМНЕ, можеби ќе има една “непријатна“ ситуација во која неколку клучни ресори во тој јаз од најмалку 30 дена до фирмирањето на новата влада ќе бидат во рацете на ДУИ.

Па така, освен МВР, од  каде по официјалното завршување на изборите си заминува Панче Тошковски, а надлежостите преминуваат кај Назим Буши, во одбрана тие би преминале кај Тирон Јајага (и двајцата дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ). (Јас во тоа не гледам никаков проблем, а на оние кои плашат со баба- роги, нека им стои, законот е закон ).

Во култура, надлежностите преминуваат кај Онур Али,  во здравство кај Маја Манолева, а во земјоделие кај Вјолца Бериша. (Кому не му е јасно, основ има во ЗОРОДУ) 

За Талат Џафери не се сомневам кого би избрал од тројцата вице-премиери. На тој начин ДУИ ( од политички апспект гледано)  како некаква сатисфакција на гневот што сепак ќе оди во опозиција, ќе има ПР аргумент дека не само што успеала во целта – Албанец премиер, туку дека имала и двајца.

Артан Груби би бил на тој начин вториот заменик – претседател по Радмила Шекеринска, кој би бил во своевидна улога на в.д. премиер, а таа била во таква позиција два пати ( терминот е жаргонски и правно не е прецизен, бидејќи го нема во ниту еден закон, како што впрочем никаде немаше, а има(в)ме прв вицепремиер и тоа дури двајца. )

Однапред може да се претпостави дека ништо од ова нема да се спроведе. Зошто државата ни е преполна со многумина кои работат според девизата „Миле ми текна “ како да се изигра, но не и да се почитува Законот.

Но тоа е тоа – на две функции во исто време не се седи. Така вели законот. А правна држава не се гради со криво насадено дрво. Па вие бирајте.

Ништо  (од се погоре ) лично кон поименичмо споменатите функционери, кои по игра на случајот, овој пат се наоѓаат среде овој правен „јазол“ (кој вооопшто и не е јазол, туку таков го прават политичките игранки и нестручни толкувања). Ако сакаат да останат министри макар уште 30 дена, мора да ги вратат пратеничките мандати. Или е се пратеници, или се министри. Две во едно – не може !

ОД МОЈ АГОЛ- Боби Христов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Како Мисајловски заврши во одбрана, а Тошковски остана во внатрешни работи- кои се министрите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски

Дејан Дејан

Мицкоски очекува сите партии во Собранието да ги гласаат измените на Законот за локална самоуправа

Дејан Дејан

Потврдени имињата на министрите во идната влада, Златко Перински за локална самоуправа, Љупчо Димовски кој ќе биде вицепремиер за политички систем и Шабан Салиу, кој ќе биде министер без ресор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе