Тргна маслото од Србија. Денеска се очекува да бидат испорачани првите количини од договрените два милиони литри зејтин.
Но, кога ќе бидат достапни во маркетите, од земјоделие велат дека тоа зависи од договорите со трговците.
„Маслото за јадење кое се увезува од Република Србија, официјално започнува да пристигнува од денеска. Одлуката за тргање на забраната за увоз на масло за јадење е објавена во Службен весник на Република Србија. Динамиката за тоа како ќе тече увозот на маслото и дистрибуцијата до маркетите зависи од договорите на компаниите. Министерството и Владата ќе го следи процесот на дистрибуцијата на маслото за јадење до маркетите“, велат од министерството за земјоделство.
Одлуката на Србија за испорака на масло , за домашните производители не значи ништо.
Од Брилијант за Телма велат дека резерви имаат за само еден месец. Неможејќи да чекаат Србија да донесе одлука за испорака на потребната суровина за производство, набавуваат од други земји, а тоа може да ја зголеми цената.
Владата веќе даде препорака маркетите самите да одлучат колку шишиња зејтин максимално може да продадат на еден купувач.
А ако не се почитува ова, Владата утре на седница ќе донесе одлука со која ќе ги огранили количините. Ваквата препорака дојде откако било регистриранои дека некои граѓани купувале цели пакети зејтин.
Ирена Чачкова
