Спорт Фудбал

Манчини повторно на клупата на Италија, Раниери го наследи Малдини

Роберто Манчини се враќа на клупата на италијанската фудбалска репрезентација. Искусниот стратег по вторпат ќе ги предводи „аѕурите“, само еден ден откако пропадна назначувањето на Андреа Пирло за нов селектор.

Манчини ќе го наследи Џенаро Гатузо, кој ја напушти функцијата во април по елиминацијата од Босна и Херцеговина во баражот за Светското првенство. Италија со тоа го пропушти третиот Мундијал по ред.

Шеесет и едногодишниот тренер ги предводеше „аѕурите“ од 2018 до 2023 година и на 58 натпревари ја оствари најголемата победа со освојувањето на Европското првенство во 2021 година. Сепак, под негово водство Италија не обезбеди пласман на Светското првенство во Катар. По заминувањето од репрезентацијата ги предводеше Саудиска Арабија и катарскиот Ал Сад.

Назначувањето на Манчини следува по вистинска драма во Италијанската фудбалска федерација. Паоло Малдини пред само две недели беше поставен за технички директор и заедно со советникот Леонардо разговараше со Карло Анчелоти и Пеп Гвардиола. Откако двајцата тренери не ја прифатија функцијата, нивниот избор беше Андреа Пирло.

Сепак, кандидатурата на поранешниот фудбалер на Интер, Милан и Јувентус предизвика силни реакции поради неговата улога на амбасадор на руската обложувачка компанија „Фонбет“. Пирло потоа објави дека повеќе не е кандидат, а Малдини и Леонардо поднесоа оставки само 16 дена по доаѓањето во Федерацијата.

Претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Џовани Малаго, порача дека Манчини е најдобриот избор за селекторската функција. Истовремено, за нов технички директор е назначен искусниот Клаудио Раниери, кој ќе биде задолжен за техничките операции и развојот на елитниот фудбал во италијанските национални селекции.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зидан го оствари сонот: Стана нов селектор на Франција

Sportska Redakcija

Игор Марковиќ е нов селектор на македонските ракометарки

Sportska Redakcija

Вардар во Рига брка пресврт и продолжување на европскиот пат

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе