Вести Најважни Свет

(ФОТО) Ден на жалост во Москва по убиени на концертот во салата „Крокус“

Русија денеска обвиена во црно, знамињата спуштени на половина копје, во земјата прогласен ден на жалост по масакрот во концертна сала во Москва во кој загинаа најмалку 133 лица, убиени во напад на терористичка група зад која застана Исламска држава. Во крвавиот пир, но и пожарот кој беше подметнат, повредени се повеќе од 140 лица, дел од нив во многу тешка состојба, па се верува дека бројот на жртви и понатаму ќе расте.

Пред концертната сала во Москва се издига планина од цвеќиња кои во чест на жртвите ги полагаат граѓаните на Москва тагувајќи по изгубените човечки животи. Меѓу нив и Игор Погадаев, кој се уште трага по сопругата чиј траг се губи кобната вечер.

Последен пат Јана ме контактираше кога пристигна во концертната сала. Нејзините седишта се наоѓаа во првите редови. Ако погледнете на сцената, тие беа на левата страна долу, а не на врвот. Ми испрати една, а потоа и втора фотографија. Времето беше 19:59. Тоа не беше нејзина фотографија, туку фотографија од местото, поточно погледот од местото каде што седеа. Првата порака која и ја пратив беше прочитана на „WhatsApp“. Втората порака не беше, раскажува Игор Погадаев, сопруг на исчезната Јана.

Откако Игор ги видел извештаите за вооружени напаѓачи кои отвораат оган врз посетителите на концертот, тој се упатил кон местото на одржување, но не можел да ја најде во бројни амбулантни возила или меѓу стотици луѓе кои се извлекле од местото, по што почнува неговата очајна потрага по сопругата.

Веднаш се упатив од работа до „Крокус“ со автомобил. Стигнав таму брзо. Околу 20:40 веќе бев таму. По пристигнувањето, го оставив автомобилот во близина на инспекторите, трчав и почнав да барам. Проверив меѓу амбулантните тимови, барав меѓу екипите и поставував прашања, но не најдов никого. Имаше многу амбулантни возила. Поради некоја причина, пожарот не се гаснеше, раскажува Погадаев.

Додека бројот на загинати растел, Игор кружел по болниците во Москва и Московскиот регион, барајќи какви било информации за новопримените пациенти. Но, неговата сопруга не била меѓу повеќе од 100 повредени, ниту на списокот со 50 жртви кои властите веќе ги идентификуваа.

Тоа е страшна трагедија. И ние сме тука да го почитуваме споменот на сите жртви. И морам да кажам дека сме заедно со вас и вашите роднини и ги поддржуваме сите. Ние сме со вас!н им порача активистот Александар Лебедев.

Според бројот на жртви ова претставува еден од најголемите терористички напади што ја погоди земјата во последниве 20 години. Претседателот Владимир Путин нападот го нарече „варварски терористички чин“ и ги повтори претходните сугестии на руските безбедносни служби дека напаѓачите се обиделе да побегнат во Украина. Киев пак остро го отфрли нарекувајќи ги „апсурдни“ тврдењето дека на некој начин е вклучен во нападот.

Александар Петрески

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе загинати во урнат трговски центар, 40.000 домаќинства без струја – првичен биланс по силниот земјотрес во Јапонија

Sasko Dimovski

Полицијата уште ги бара двајцата вандали кои со шовинистички пораки го „нагрдија“  српското културно друштво во Куманово – Работиме интензивно, велат од СВР Куманово

Дејан Дејан

И Мицкоски со став дека Протокол со Бугарија не е дел од Преговарачката рамка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе