Негаторската политика и притисоците на официјална Софија врз македонското малцинство во Бугарија продолжува а примерот за тоа е одбивањето на регистрирање на невладината организација “Правозаштитен комитет Толерантност“. Комитетот е основан пред 13 години од академикот Стојко Стојков и негови истомисленици а во статутот како цел е наведена борба за правата на Македонците во Бугарија и нивните проблеми.
По децениската борба тој поднел тужба против Бугарија во ОН, каде донеле одлука дека Стојков е дискриминиран.
Практично е пресуда во која Бугарија е осудена за нарушување на нашите права и соодветно е задолжена да изврши промени и да изврши компензација. Сега имаме не само серија пресуди од Стразбур туку и една од ОН. Сега пак е во софискиот врховен апелациски суд. Тоа е смешното во моментов. Ние добивме решение до ОН во моментот кога нашиот предмет има две одбивања и е на инстанца во Софија, изјави стојков.
Во образложението на одлуката на Комитетот за човекови права на ОН стои дека Бугарија го погазила принципот камен темелникот на демократското општество односно правото на слобода на здружување.
Судските одлуки немаат јасност и се претерано формалистички, домашните органи не ги разгледале дополнителните информации што ги донел подносителот на жалбата, ниту пак објасниле кои одредби од Законот се прекршени. Затоа, Комитетот заклучи дека државата не го оправдала одбивањето за регистрација на здружението ниту покажала дека одбивањето било неопходно и пропорционално, се вели во одлуката на комитетот за човекови права на ООН.
Пресудата нема да има ефект кај политичарите во Бугарија, особено не во предизборието, и затоа е потребен силен притисок од ЕУ до официјална Софија смета премиерот Мицкоски.
Не верувам дека може да дојде до примена на ставот кај нашиот источен сосед, без робусна акција на Брисел и поголемите членки на ЕУ. Она во кое верувам е дека нашите аргументи се исправни, нашите аргументи од ден во ден се повеќе се потврдуваат на меѓународна сцена. Впрочем ако го слушавте едно од интервјуата на поранешниот претседател на Бугарија, Румен Радев, каде вели дека тој лично два пати ја блокирал Македонија да ги почне преговорите, тогаш се е јасно, рече премиерот.
Ставот на Стојков е дека се поголемиот број на пресуди ќе ја чинат скапо официјална Софија и само на тој начин ќе може да се принуди да го смени курсот кон македонското малцинство во Бугарија.
Очекуваме пак одбивање, не затоа што има прилична да бидеме одбиени туку затоа што таква е политиката на државата (Бугарија н.з.). Потоа одиме во Стразбур. Тоа што очекуваме е полека да се зголемува притисокот врз државата и таа се повеќе да губи лице, за да може во еден момент продолжувањето на политиката против македонците во Бугарија да стане на некој начин премногу скапо да се продолжи и тоа да ја натера Владата да помисли и промени нешто, рече стојков.
Според објавата на веб страната на ОН, Комитетот за човекови права ја повика Бугарија да ги преиспита домашните судски одлуки со кои се одбива и побара Бугарија да поднесе извештај во рок од 180 дена со сите детали за случајот од невладината „ Правозаштитен комитет Толерантност“.
Огнен Чанчаревиќ
