Макс Ферстапен ќе стартува од пол-позицијата во Абу Даби за утрешната последна и решавачка трка во сезоната во Формула 1 шампионатот. Зад возачот на Ред Бул, ќе тргнат неговите најголеми конкуренти за титулата од Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пиастри.
Ферстапен до круцијалната пол-позиција дојде со време од 1 минута, 22 секунди и 207 илјадитинки. Норис ќе тргне крај него од првиот стартен ред, додека Пиастри ќе биде точно зад возачот на Ред Бул.
Џорџ Расел од Мерцедес беше четврти, додека Шарл Леклер ќе тргне како петти. Потоа следуваат Фернандо Алонсо, Габриел Бортолето, Естебан Окон, а најдобрите десетмина ги комплетираат Исак Хаџар и Јуки Цунода. Седумкратниот шампион Луис Хамилтон повторно имаше очајни квалификации и беше елиминиран уште во првата сесија па ќе стартува како 16-ти.
Во последната сезонска трка, Норис влегува како лидер во генералниот пласман со 408 бодови, Ферстапен има 12 бодови помалку, а Пиастри е трет со 392 или 16 бодови помалку од тимскиот колега.
Од сите можни сценарија, Норис секако е најблизу до титулата, па ќе стане светски шампион за прв пат во кариерата ако победи на трката или се искачи на подиумот. Ферстапен за да дојде до петтата светска титула, мора да победи утре во Абу Даби, а Норис да финишира највисоко на 4.место. Пиастри ако победи, тогаш Норис мора да финишира на 6.место за Австралиецот да ја освои титулата, а пласманот на Ферстапен тогаш нема да биде важен.
Трката за Големата награда на Абу Даби на патеката „Јас Марина“ утре стартува од 14 часот.
