Владата на денешната седница донесе Одлука за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
Со донесената одлука, рокот на важење на кризната состојба се продолжува од 21 јули до 20 октомври, за навремено да се преземат мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати.
Целта на оваа одлука е како што наведуваат од Владата да имаат правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството.
Владата и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар и, доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжи да носи навремени и соодветни мерки во интерес на сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати.
По усогласување на одлуката во рамки на владините процедури истата ќе биде доставена до Собранието на разгледување и донесување, согласно законските надлежности.
