Да се донесе Закон, но и да се почитува Правилникот за откуп на оризовата арпа се решенијата за да се спаси оризопроизводството во кочанскиот регион, сметаат земјоделците кои со векови ја одгледуваат оваа култура и надалеку познатиот бренд „кочански ориз“.
Оризопроизводителите велат дека во моментов не се откупува оризова арпа, а цената се движи од 18 до 20 денари за килограм, која не ги покрива ниту производните трошоци. Годинава пак поради поскапување на репроматеријалите и нафтата во време на сеидбата во мај и јуни зголемени се трошоците за производство на ориз.
„Ќе бараме од Владата и од самиот министер да се изготви закон – во кој закон ќе влезе како и правилник за откуп на оризовата арпа, кој правилник мора да го почитуваат и оризопроизводителите кога ќе ја произведуваме, оризот што го произведуваме, меѓутоа и тие што ќе го откупуваат мора да се повикаат на правилникот. Вака веќе не може. На самиот состанок, дел од оризопроизводителите кои доаѓаат од другите населени места кажаа дека веќе се во тек и собирање на потписи од месните заедници за да, ако остане ваква ситуација како што е сега – ’26-та значи ако влеземе со истата цена на оризовата арпа – за ’27-ма воопшто да не ги засејуваме површините под ориз“ – вели оризопроизводителот, Тони Максимов.
Оризопроизводителите бараат откупната цена да изнесува 35 денари, во спротивно како што велат оваа култура ќе ја доживее судбината на афионот и репката.
Очекуваат за 10 дена да имаат повторно средба со новиот ресорен министер, а за вишокот на ориз од околу 10.000 тони од минатите реколти бараат да се вклучи Владата и министерствата.
„Ние имаме 100 промотори. Никој да не мрдне со прстот што со вишокот на ориз. Храна произведуваме, не е марихуана. И сега тоа ако нејќе некој да го изменаџира… Мислам дека е со- не е тоа многу, тоа се 10.000 тони. 10.000 тони ако не можат, тогаш за што парите на граѓаните ги земаат? Шетаат, само шетаат изгледа. Ние имаме министер за надворешни работи и трговија, тука треба да биде а и министерот вклучен, а Министерството за економија, Стопанска комора, мора сите на една маса да седнат за да се најде крај, не само со земјоделието, воопшто ова и со оризот“ – вели оризопроизводителот, Здравко Арсов.
Според оризопроизводителите голема е разликата меѓу откупната цена на оризовата арпа која изнесува од 18 до 20 денари килограм и цената на белиот ориз по рафтовите во супер маркетите и на пазарите која е од 100 до 150 денари.
Забележуваат дека со ваквите цени во загуба се оризопроизводителите и граѓаните, како крајни потрошувачи.
Викторија Јованова
