Ново „добредојде“ на влезот на Скопје. Два дена откако на надвозникот беше поставен билборд со ниту едно веродостојно прикажано скопско обележје, градските власти со исправка.
Нов знак ги пречекува гостите, туристите и патниците од другите градови.
Утрово беше отстранет знакот на кој Букефал беше прикажан со пет нозе, Камениот мост невообичаено долг, скопското кале непрепознатливо и како замок од некоја друга земја.
Тоа обележје стоеше од петокот и предизвика силни критики и реакции во јавноста. Новото обележје сега содржи вистински фотографии, со порака за добредојде и за среќен пат.
„Кој работи и греши, а ме радува кога најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка. Опозицијата очигледно нема ниедна сериозна тема па се занимава со ниски страсти. Ако нашиот најголем грев е печатена грешка, тогаш сме на одличен пат! И за да нема дилеми, корекцијата градот не го чини ништо и трошоците се на компанијата – изработувач која го постави преку ЈП ,,Улици и патишта” – напиша на Фејсбук, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски вели дека фирмата која го изработила отстранетото обележје на Скопје е „Електроизградба“. Вкупната вредност за изработка и производство на обележјето е 48 илјади денари.
Претходно, градоначалникот посочи дека во финалното дизајнерско решение е направен пропуст од страна на дизајнерот и веднаш по утврдувањето на грешката е наложена нејзина корекција.
Веднаш по објавата на Ѓорѓиевски за промена на обележјето на влезот на градот, реакција стигна од опозицијата од албанскиот блок.
Демократската унија за интеграција реагира затоа што билбордот не е двојазичен, што го карактеризираат како тешка политичка и институционална провокација и прекршување на законот.
„И по корекцијата, албанскиот јазик и натаму недостасува. Ова покажува дека станува збор за свесна одлука да се игнорираат албанскиот јазик и мултиетничкиот карактер на Скопје. Доколку законот не биде спроведен, ќе ги преземеме сите правни, институционални и демократски мерки за заштита на албанскиот јазик и достоинството на Албанците.“ – реагираат од Демократската унија за интеграција.
На промената на билбордот ѝ претходеа и реакциите на другите опозициски партии. Од Левица порачаа дека Скопје ја носи титулата европска престолнина на културата, со билборд на кој ништо не е скопско, историски веродостојно, архитектонски препознатливо и возможно.
Од СДСМ порачаа дека тоа е срам за Скопје, кампања со слики генерирани со вештачка интелигенција, без реални резултати.
Петар Догов
„Добредојде“ со грешки: Отстранет билбордот на влезот во Скопје
