Русија изврши серија напади со балистички ракети врз украинскиот главен град Киев, при што загина едно лице, а најмалку 14 се повредени, соопштија украинските власти.
Во текот на ноќта биле погодени повеќе области во регионот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша нападот како „еден од најмасовните балистички напади врз Киев“ од почетокот на целосната руска инвазија.
Украинската војска соопшти дека противвоздушната одбрана соборила 18 од вкупно 41 ракета. Системите за одбрана исто така пресретнале 108 беспилотни летала.
Во меѓувреме, Украина продолжува со сопствени напади врз цели во Русија. Гувернерот на југозападниот руски регион Ставропол соопшти дека напад со дрон предизвикал пожар во индустриски комплекс.
Последните напади врз Киев вклучувале различни руски воени системи, меѓу кои ракети „Искандер“ и хиперсонични ракети „Циркон“, како и 125 беспилотни летала, соопшти украинското воздухопловство.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во неделата изјави дека во најновите напади биле оштетени станбени и нестанбени објекти, меѓу кои супермаркет и студентски дом.
Пожарникарите се бореле со пожари во два магацински објекти.
Во порака објавена на Телеграм, Зеленски наведе дека во изминатата недела Русија „употребила околу 1.450 ударни дронови, повеќе од 1.640 наведувани бомби и 99 ракети од различен тип против Украина“.
