Аргентина ќе ја брани титулата во големото финале на Светското првенство во 2026 година, откако вечерва со драматичен пресврт ја елиминираше Англија со 2-1. „Гаучосите“ во недела ќе се соочат со Шпанија во битката за титулата на стадионот во Њу Џерси.
По слабото прво полувреме, во кое немаше ниту една изгледна шанса и ниту еден удар во рамките на голот, вторите 45 минути донесоа далеку подобар фудбал.
Ентони Гордон ја доведе Англија во водство во 55. минута, по одличната асистенција на Морган Роџерс. Селекторот на „Гордиот Албион“, Томас Тухел, потоа се реши за целосно дефанзивен пристап, а неговиот тим скапо ја плати таквата тактика.
Аргентина тргна со сите сили во напад, а Лионел Меси беше асистент при двата гола. Најпрво Енцо Фернандез со прекрасен удар од далечина израмни на 1-1 во 85. минута, а во втората минута од судиското продолжение Лаутаро Мартинез со глава го матираше Џордан Пикфорд за конечни 2-1.
Аргентина сега има можност да стане првата репрезентација по Бразил во 1962 година што ја одбранила светската титула. Во големото финале во недела, од 21 часот во Њу Џерси, актуелниот шампион ќе се соочи со Шпанија, која синоќа ја совлада Франција со 2-0.
