Вести Македонија

Бесконечно докажување траен инвалидитет

Лицата со траен инвалидитет секои шест месеци влегуваат во лавиринтот на институциите. Болеста напредува, инвалидитетот е траен, но државата одново и одново бара доказ за нешто што не може да исчезне.

Трка со времето, трка по документи и часови поминати во лекарски ходници и ординации, вака изгледа секојдневието на стотици семејства, сведочат за Телма, дел од нив.

За да не го изгубат правото на социјалните надоместоци, уште четири месеци пред истекот на решението мора да започнат нова административна голгота. Специјалистички извештаи, контролни прегледи, комисии, чекање термини…

Доволно е само еден рок да биде пропуштен и да останат без парите.

„Проблемот е што мораме да одиме на многу чести контролни прегледи. Тоа за мобилност подразбира секој контролен преглед да се плати 1250 денари за кои најчесто не добиваме фискални сметки и секој контролен преглед е после 3 и пол часот кога докторите се слободни после првата смена и терминот во кои што ние треба да дојдеме во 5 и пол во 6 ни е тој термин, бидејќи ако порано завршат со пациентите се јавуваат од таму и кажуваат дојдете порано ако сте во можност колку што можете. И тука настанува проблем кој ќе не однесе за да стигнеме на тој термин затоа што потоа може да нема за следниот месец термин за мобилност или и за два три месеци да бидат зафатени. Кога ќе отидеме таму тоа воопшто и не е некаков контролен преглед. Ние влегуваме со количката ги подаваме документите, некогаш не ги ни разгледуваат документите. Името и презимето, бараат податоци во компјутер, наоѓаат заведуваат и тоа трае една минута. Не го креваат најчесто ни погледот накај нас“ – вели соговорник за Телма, кој се соочил со проблемите при барањето инвалидска пензија.

Додека болеста напредува, институциите повторно бараат доказ дека трајната попреченост е навистина трајна.

Според овие лица, најголемиот проблем не е здравствената состојба, туку бирократијата.

Велат дека порано за трајните инвалидитети постоеле трајни решенија за дел од социјалните права, додека денес, без разлика дали станува збор за најтешки облици на инвалидитет, документите повторно се обновуваат во редовни интервали.

„Порано не знам пред колку точно време постоеја трајни документи , трајна мобилност, трајна социјална заштита, трајна детска помош, трајна асистенција значи тој дел од социјалните надоместоци беа трајни за лица кои што се инвалидизирани до степен во кој што нема потреба да ги обновуваат, а сега веќе не постојат трајни документи“ – додава соговорникот.

Сепак од министерството за здравство велат дека анализата покажала оти проблемот не е во прописите, туку во нивната примена.

Според министерството, Правилникот јасно предвидува дека кај одредени дијагнози кои претставуваат трајна промена на здравствената состојба нема правна основа да се закажуваат контролни прегледи по шест, 12  или 24 месеци. Сепак од здравство велат анализата покажала дека токму тоа се случувало во голем број на случаи.

„Известување е испратено и до матичните лекари, во кое се укажа дека при закажување на преглед на пациент за наод за потребата од помош и нега од друго лице, нема потреба од конзилијарно мислење (извештај со потпис од тројца специјалисти). Оваа практика се провлекувала со години, иако не е предвидена во Правилникот“ – соопштуваат од Министерството за здравство.

Акутелниот министер за здравство и поранешен директор на ФЗО за Телма рече дека ова прашање не е во надлежност на здравството, туку на социјалната политика.

Сепак, смета дека за конечни и неповратни дијагнози нема оправдување за толку чести проверки.

„Свесни сме дека е бесмислено за дијагнози кои се крајни, каде што нема да има промена да се бара проверка во кратки периоди. Кога пациентите се жалат зошто треба да одат на специјалист за еднаш годишно за нов извештај  за хроничните болести, затоа што мора да го видите докторот еднаш годишно за да види дали терапијата и третманот се одвива како што треба. Меѓутоа во конечни дијагнози посебно поврзани со неподвижност мислам дека еднаш поставената проверка не смее да биде толку честа бидејќи нема да настане никаква промена“ – вели министерот за здравство, Сашо Клековски.

Од Министерството за социјална политика велат дека работат на нов систем за проценка на функционалноста, што треба да го намали административниот товар и да ги скрати роковите за постапување.

Министерството интензивно работи на воспоставување на нов систем за проценка на функционалност, кој ќе придонесе за унапредување на целиот процес во поглед на корекција на временските рокови, намалување на времето на чекање пред дисперзираните комисии, како и  промена на методологијата за проценка на функционалноста односно лицата кај кои е утврдено дека нема промена во функционалноста нема да имаат потреба повторно да ги поминуваат истите административни постапки.

Кој навистина има право на надоместок за туѓа нега, а кој можеби го злоупотребува системот?

Од Министерството за здравство велат дека се почесто добиваат анонимни пријави за можни злоупотреби на ова право. Секој случај се проверува, а во постапката се вклучени и центрите за социјална работа и стручните комисии.

 Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Добредојде“ со грешки: Отстранет билбордот на влезот во Скопје

Igor Trajkov

И партиите бараат виновници, но не ги гледаат во своите редови

Igor Trajkov

Здравствените власти ќе прогласат епидемија во Гостивар

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе