Македонската кошаркарска репрезентација ги дозна можните ривали во втората фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2029 година. ФИБА денеска го потврди составот на четирите групи, откако заврши првата фаза од европските квалификации за Светското првенство 2027.
Во втората фаза од претквалификациите ќе играат 12 репрезентации. Македонија, Бугарија и Словачка се пласираа како победници на групите од првата фаза, додека Норвешка продолжува како најдобра второпласирана селекција.
Ним ќе им се приклучат осумте репрезентации кои не успеаја да се пласираат во следната рунда од квалификациите за Мундобаскетот 2027. ФИБА веќе одреди по две селекции во секоја од четирите групи, а третите учесници ќе бидат познати по ждрепката.
Во групата Д ќе играат Данска и Романија, групата Е ја сочинуваат Велика Британија и Швајцарија, во групата Ф се Австрија и Кипар, додека во групата Г се Белгија и Чешка.
Македонија најмногу би посакувала да биде извлечена во групата Ф со Австрија и Кипар, а најтежок можен пат би бил групата Г, каде што се Белгија и Чешка.
Ждрепката ќе се одржи на 16 јули во Минхен, Германија. Натпреварите од оваа фаза ќе се играат во три прозорци — во август и ноември оваа година, како и во февруари 2027 година. Само победниците на групите ќе обезбедат пласман во главните квалификации за Евробаскетот 2029.
