Шпанската државна метеоролошка служба предупреди дека од вторник земјата ќе биде зафатена од трет топлотен бран ова лето, при што температурите на некои места ќе достигнат и до 45 степени Целзиусови, додека големи шумски пожари беснеат во провинциите Сарагоса и Гвадалахара.
Според Државната метеоролошка агенција на Шпанија, температурите ќе почнат да растат уште оваа сабота, значително ќе се интензивираат од вторник, 22 јули, а според актуелните прогнози, жештините нема да попуштат најмалку до четврток, 24 јули.
Агенцијата не ја исклучува можноста и понеделник да биде вклучен во официјалниот период на топлотниот бран, доколку тоа го потврдат метеоролошките податоци. Доколку се случи тоа, ова ќе биде трет топлотен бран што ја погодува Шпанија ова лето.
Топлотниот бран ќе биде предизвикан од специфична временска состојба што го задржува жешкиот воздух над Шпанија. Истовремено, од Северна Африка пристигнува многу топол и сув воздух, проследен со пустинска прашина, која ќе се задржи над поголемиот дел од земјата и Балеарските Острови. Поради тоа, температурите ќе продолжат да растат во наредните денови.
Очекувањата се да го достигнат врвот во четврток, кога во југоисточниот дел на копнена Шпанија локално би можеле да се искачат и да надминат и 45 степени Целзиусови.
