Вести Македонија

Си размени подароци со Папата, но ниту збор со Радев – Гордана Сиљановска Давкова во посета на Рим и Ватикан

Си размени подароци со Папата, но денешниот ден е пропуштена шанса за да размени и зборови со бугарскиот колега Румен Радев.

Гордана Сиљановска – Давкова денеска беше на прием кај Папата во Ватикан. На истата локација се појавија двајцата претседатели, но аудиенцијата кај Папата Франциск се одржа во различни термини – доволно за да се разминат и покрај првично искажаната волја да се сретнат.

Извори од претседателскиот кабинет брифираа дека целта на Гордана Сиљановска – Давкова е да покаже подготвеност за водење конструктивна надворешна политика, а средбата со Радев би била во насока на подобрување на односите помеѓу двете држави.

Но, до средба не дојде иако претседателите на двете земји, допатуваа на неколку дена во главниот град на Италија, Рим, по повод чествувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители.

Неусогласеност на агендите е причината што не се сретнаа. Неофицијално, дознаваме дека условот на Бугарија бил средбата да се одржи во бугарската амбасада во Италија и истиот бил отфрлен.

„Не успеавме да се сретнеме, но мојата порака до претседателот на Репубпика Северна Македонија е дека Бугарија очекува, најбрзо што може, промени во реториката и конечно запирање на јазикот на омразата. Република Северна Македонија треба да покаже дека навистина сака да биде дел од обединетата Европа, со тоа што ќе ги оствари сите барања на ЕУ, како што направила секоја земја-членка”, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев.

Македонија има поддршка од Ватикан во евроинтеграциите, исто како што има и Западниот Балкан. Овие теми, заедно со продлабочување на соработката особено во образованието, науката и културата – сѐ ова било тема на разговор во Ватикан.

Папата добил и покана со широко отворени врати, за повторно да ја посети Македонија.
Сиљановска – Давкова му подари и резба со мотив од птицата Феникс како симбол на бесконечноста.

Римокатоличкиот поглавар доби и икона испратена специјално од поглаварот на МПЦ-ОА, Г.Г. Стефан, а генералниот секретар на Ватикан прими украс од народна носија.

И со тоа привршија денешните активности на претседателката, која ја предводи државната делегација во Рим и Ватикан.

Со ова, Гордана Сиљановска – Давкова ја запиша првата меѓународна посета откако стапи на функцијата претседател на државата.

Утре таа е на средба со претседателот на Италија, Серџо Матарела.

„Иако имаше простор во агендата на претседателката која ја предводи македонската делегација, сепак политичкиот дел остана во сенка на другите активности. Денешниот ден беше единствена шанса да се сретнат Сиљановска и Радев. Утре е планирана средба на претседателката со италијанскиот колега Матарела, по посетата на базиликата Сан Клементе, каде се наоѓа гробот на Св. Кирил и базиликата Санта Марија Маџоре, со положување венец на плочата испишана на македонски јазик.“

Дополнително, молебен на гробот на Свети Кирил во базиликата ќе водат владиката Пимен и владиката Тимотеј.

Пред три години, тогашниот претседател Стево Пендаровски отпатува во Рим заедно со Румен Радев, на свеченостите за светите браќа.

Но, тензиите во односите продолжија и понатаму, а резултираа со вето за Македонија, од страна на Бугарија.

За Телма од Рим, Петар Догов.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

КОД: Околу милион евра се трошат за гласање во дијаспората за неколку стотици гласови

Дејан Дејан

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги открие своите министри по седници на своите партиски тела- за некои имиња се шпекулираше дека ќе бидат во кабинетот на Мицкоски

Дејан Дејан

Претежно сончево и топло со мала до умерена облачност – Временска прогноза за 17.6.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе