Вести Најважни Свет

(ФОТО) Бројот на жртви во московскиот масакар порасна на 143, Путин вели сите напаѓачи се уапсени

Голем број московјани денеска се собраа пред концертната сала Крокус во Москва, откако вооружени напаѓачи синоќа упаднаа и извршија страшен терористички напад во кој загинаа најмалку 143 луѓе, а голем број се повредени.

Купишта цвеќиња почнаа да се трупаат пред објектот, додека ожалостените се собираат да им оддадат почит на жртвите.

Маргарита Бунова заедно со нејзиниот сопруг го преживеаа нападот и раскажува за пеколот низ кој поминаа бегајќи пред рафалните стрелби на терористите. Со солзи во очите и растреперен глас се сеќава на моментите на „живот или смрт“ за кои вели ќе останат врежани во нејзината меморија до крајот на нејзиниот живот.

– Беше 19:47 часот. Слушнав експлозија, искрено мислев дека е петарда. Мислев дека, веројатно, уметниците што дојдоа беа поздравени од обожаватели. Но, тие беа тука, тие не застануваа, имаше врескање, паника. Сфатив дека нешто не е во ред. И кога јас и мојот сопруг сфативме дека треба да се спасиме, да трчаме, ме фати за рака. Само погледнав назад, самите луѓе веќе беа долу, почнаа да пукаат во салата. Почнаа да пукаат, маж ми ме зграпчи и отидовме низ горните катови, по противпожарните скали, раскажува Бунова.

За прв пат по нападот денеска се огласи и рускиот претседател Владимир Путин кој вчерашниот крвав пир го нарече „варварски терористички чин“. Порача дека непријателите нема да успеат во намерата да ја поделат нацијата како и дека сите напаѓачи се пронајдени и приведени, не прецизирајќи притоа за колку лица станува збор.

– Ќе им ја пружиме потребната помош на сите семејства кои доживеале страшна несреќа во животот, на ранетите и повредените. Изразувам длабоко, искрено сочувство до сите што ги загубија своите најблиски. Целата земја, целиот наш народ жали со вас. 24 март го прогласувам за ден на национална жалост, соопшти Путин.

Руската вицепремиерка Татјана Голикова, министерот за здравство Михаил Мурашко и гувернерот на московскиот регион Андреј Воробјов утрово ги посетија жртвите во болница.

– Работат квалификувани медицински лица, веќе се направени хируршки зафати на оние пациенти кај кои тоа беше неопходно. Пациентите се префрлени на одделението за интензивна нега и се под опсервација, информира Голикова.

Руските медиуми објавија видео на кое еден од приведените под сомнение дека учествувал во нападот на трговскиот центар „Крокус“ во околината на Москва, го признава делото и вели дека за тоа бил платен 5.000 евра.

На снимката, човекот се претставува, го дава својот датум на раѓање и тврди дека добил инструкции преку Телеграм, каде што, како што вели, „ја слушал молитвата на проповедникот“, а помошникот на проповедникот го контактирал пред околу еден месец.

Руските служби претходно обвинија дека напаѓачите поседувале патни исправи од Таџикистан, иако оваа земја денеска ги демантираше ваквите соопштенија бидејќи како што рекоа до нив се уште не стигнало официјално писмо за инволвираност на нивни државјани. Русија се сомнева дека терористите имале контакти со Украина велејќи дека поголем дел од нив биле фатени во близина на руско – украинската граница во обид да ја напуштат земјата. Украина негираше вмешаност во масакрот.

САД на почетокот од месецов непосредно пред изборите во земјата предупреди дека во рок од 48 часа можни се терористички напади и ги повикаа сите свои граѓани кои престојуваат таму да не посетуваат места и настани каде се собираат голем број луѓе.

Александар Петрески

(ВИДЕО) Еден од напаѓачите во Москва признал дека нападот го извршил за 5.000 евра

ФОТО: Објавена фотографија од терористите во Москва, Исламска Држава ја презеде одговорноста

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Огромна потреба од угостителски работници:Се нуди и парична награда од 300 евра за оној кои што ќе предложи некого за вработување

Дејан Дејан

Русија ќе произведува лимузини за Путин во старата фабрика на Тојота

Дејан Дејан

Додека ги служело здравје оделе на гласачки места, сега гласаат во домашни услови – за 76-годишната Слободанка и 81-годишната Митра гласањето останува свечен чин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе