Вести Македонија Најважни

Затворски казни за сите обвинети во случајот „Ласкарци“, највисока од 14 години доби возачот на кобниот автобус

Вкупно 39 години добија обвинетите во случајот „Ласкарци“ којшто се однесува на автобуската несреќа што се случи во 2019 година во која животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени.

Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд Скопје денеска го прогласи за виновен обвинетиот Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“ и му изрече казна затвор од четири години, на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари казна затвор од шест години, а на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, им изрече затворска казна од по пет години.

Најголема казна затвор од 14 години доби возачот на автобусот, Маноил Трифуновски.

На обвинетите им беше изречена и забрана за вршење професија и должност во времетраење од пет години.

Според пресудата, обвинетите Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмиш Белули“ и одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, не се придржувале кон прописите за безбедност во масовен сообраќај, иако биле свесни дека може да настане штетна последица и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето кои се превезувале со автобусот.

Дозволиле во сообраќајот континуирано да учествува технички неисправен автобус без да преземат контрола и мерки за да има исправна состојба и да учествува во јавен сообраќај, рече судијката Диана Груевска Илиевска.

За тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, се наведува дека предизвикале опасност бидејќи, според пресудата, иако воочиле дека има неисправности, дозволиле автобусот да помине на технички преглед.

Поради утвреднените технички неисправности на автобусот, за кои биле свесни, наместо да спречат учество на автобусот во сообраќај и да пријават во Министерството за транспорт и врски, дозволиле да учествува во сообраќај неисправен автобус, рече судијката.

Во пресудата стои дека обвинетиот Маноил Трифуновски, како професионален возач, свесен дека управува неисправно возило, на 13 февруари 2019 година, како учесник во сообраќајот го управувал автобусот со 55 патници, не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај.

Кога со автобусот дошол во близина на Ласкарци поради отсуство на внимание удрил во металната ограда, рече судијката, која потоа го образложи случувањето на незгодата.

Во процесот кој започна во 2019 година беа изведени повеќе вербални и материјални докази, а беше направено вештачење и супервештачење.

Процесот го водеше судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е обвинителот Дарко Јакимовски.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Десет повредени во судир на три возила на патот Кичево – Охрид

Sasko Dimovski

Повеќе загинати во урнат трговски центар, 40.000 домаќинства без струја – првичен биланс по силниот земјотрес во Јапонија

Sasko Dimovski

Полицијата уште ги бара двајцата вандали кои со шовинистички пораки го „нагрдија“  српското културно друштво во Куманово – Работиме интензивно, велат од СВР Куманово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе