По две години и 9 дена откако беше избран за премиер, Димитар Ковачевски си поднесе оставка. Ја потпиша и лично ја достави до архивата на Собранието. Оценува дека тој и сите министри треба да бидат горди на она што го сторија во својот мандат. Очекува државата да го задржи својот стратешки курс а на 9-ти мај тој повторно да стане премиер.
Попладнево, оставка си поднесе и спикерот Талат Џафери. Го овласти потпретседателот Горан Мисовски да претседава со утрешната седница. На неа, без дискусија ќе бидат констатирани оставките на двајцата функционери.
Спикерското место ќе го добие социјал-демократот Јован Митрески а веста за испразнетиот кабинет на Илинденска ќе биде испратена до претседателот Стево Пендаровски.
В сабота тој треба да му го врачи мандатот на новиот мандатар Џафери, кој до тогаш ќе подготви програма и состав на Владата.
В недела, Собранието треба да ја избере Техничката Влада, а на друга седница истиот ден – дополнителните заменици-министри.
Освен на премиерска и спикерска, ДУИ и СДСМ ротираат и на функцијата прв вицепремиер. Во стоте дена пред избори, прв ќе се нарекува Бојан Маричиќ, кој го задржува ресорот европски прашања. Поголемиот дел од министрите остануваат на истите места, освен Оливер Спасовски и Јованка Тренчевска кои отстапуваат место за ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е трета Техничка или Пржинска Влада, по договорот од 2016-та. Нејзина главна задача е спроведување фер и демократски избори.
Соња Николовска
