Силна порака на Брисел или пропуштена можност за испраќање јасен сигнал за потребна промена на начинот на владеење во Унгарија.
Ова се дилемите откако Европската комисија повика денеска на суспензија на околу 7,5 милијарди евра од Европските средства наменети за Унгарија заради загриженоста околу проблемите со корупцијата во оваа држава.
Еврокомесарот Јоханес Хан, задолжен за буџетот на ЕУ и админстрацијата, изјави дека овие средства се околу 65% од средствата наменети за три оперативни програми од кохезивната политика и речиси третина од ткн кохезивни фондови кои Унгарија ги добива од буџетот на ЕУ.
Кохезивните фондови на Европската унија се наменети за посиромашните Европски држави за да им помогне да промовираат економски раст и вработување, додека оперативните програми се однесуваат на конкретни инвестициски проекти.
„Комисијата предлага суспензија на 65% од средствата за три оперативни програми кои се дел од кохезивната политика, што изнесува околу 7,5 милијарди евра. Тоа е околу 1/3-тина од Унгарските средства од кохезивниот дел и се забранува да се влезе во законски обврски со ткн фондови од јавен интерес, што е вториот елемент. Овие мерки ги земаат предвид корективните мерки кои Унгарија ги предложи“ – изјави Еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан.
Следниот чекор е овој предлог да биде доставен до Советот на ЕУ, односно земјите членки, каде треба да биде усвоен со квалификувано мнозинство.
Советот има рок од еден месец да одлучи дали ќе ја прифати препораката на Комисијата.
Доколку тоа го направи, на Унгарија ќе и биде даден рок од еден месец да одговори, што значи дека средствата за Будимпешта најрано може да бидат замрзнати на 19-ти Ноември.
Хан подвлече дека Унгарија предложила 17 корективни мерки, кои според него, во принцип можат да ги адресираат проблемите посочени од ЕК, вклучувајќи ги системските нерегуларности во процесот на спроведување на јавните набавки, конфликтот на интерес кај претставниците на владата и слабите истраги и недостатокот од обвиненија за случаите поврзани со злоупотреба на Европските фондови.
Сепак, според еврокомесарот тоа може да се постигне само доколку мерките предложени од Унгарија бидат имплементирани на вистински начин и во брз временски интервал.
Една од мерките на кои владата на Орбан се согласила е формирањето на ново и независно тело за интегритет и на работна група за борба против корупцијата.
Дали тоа воопшто може да го направи државата, чиј лидер, според неодамна усвоената резолуција на Европскиот парламент, воспоставил „хибриден режим на изборна автократија“, е сосема легитимно прашање.
„Во однос на ова тело за интегритет, мислам дека е важно да видиме како тоа ќе биде составено. Во него може да има само луѓе, кои на пример не биле членки на некоја политичка партија, барем не во минатите 5 години. Кои немале никаков политички мандат во минатите 5 години. Патем, ова треба да важи и откако ја напуштиле функцијата. Може да бидат именувани само еднаш за 6 години. Треба да бидат независни а исто така ќе водиме сметка дека се соодветно платени“ – додава Хан.
Одлуката на ЕК не е чекор во вистински правец, реагираше германскиот европратеник Даниел Фројнд.
Комисијата му го покажува излезот на Орбан, кој треба да спроведе лажни реформи, додека во меѓувреме 27 милијарди евра од Европските фондови ќе продолжат да се влеваат во неговиот коруптивен и авторитарен систем – без никакви пречки, оценува германскиот европратеник.
Никола Илиевски
