Вести Свет Топ вести

Унгарија пред остри европски казни – Орбан ги отфрли критиките како лоша шега

Унгарија е блиску да се соочи со досега најсериозната казна од официјален Брисел заради долгогодишните проблеми со корупцијата, кои конечно може да ја чинат официјална Будимпешта милијарди евра.

Се очекува Европската Унија да воведе финансиски казни против Унгарија, која е жестоко критикувана низа нерегуларности спротивни на вредностите кои ги промовира Брисел.

Одлуката се очекува да биде донесена утре, од страна на Европската Комисија.

Конфликот меѓу Унгарија, која е меѓу најголемите корисници на европската помош и ЕУ постепено се зголемуваше откако партијата Фидеш и нејзиниот лидер Орбан дојде на власт 2010-тата година. Десничарската, националистичка партија е обвинета за деградирање на демократските институции, ограничувањето на медиумските слободи и непочитувањето на малцинските и ЛГБТ правата.

Европскиот парламент вчера со големо мнозинство усвои и декларација со која ја осуди Унгарија како „хибриден режим на изборна автократија“. Очекувано, Орбан, по средбата со својот близок соработник Александар Вучиќ во Белград, оваа резолуција ја отфрли како шега.

„Што се однесува до одлуката на Европскиот Парламент: сметам дека таа е смешна. Единствената причина заради која не и се смееме е затоа што ни е досадна, тоа е досадна шега. Ова е трет или четврти пат како усвојуваат резолуција со која ја осудуваат Унгарија во Европскиот Парламент. На почеток мислевме дека е значајна, но сега ја сметаме за шега“ – изјави Орбан.

Тензиите меѓу Будимпешта и Брисел, дополнително ги зголемува критиката која режимот на Орбан жестоко и постојано ја насочува кон Европската политика кон војната во Украина.

Унгарија е особено критична кон санкциите против Русија оценувајќи дека не може енергетски џуџиња да казнуваат енергетски џин и да очекуваат дека ќе поминат без последици.

„Конечно, што се однесува на одлуката на Европскиот Парламент, видете, мислам дека за добро платените членови на Европарламентот би било подобро да се справуваат со вистинските проблеми во Европа. На пример, би можеле да ги трошат нивните плати за тоа како да им помогнат на луѓето во Европа и економијата, откако цените на енергенсите во Европа се зголемија три пати или четири пати, како последица на режимот на санкции. Треба да гледаат како да ја спасат Европа од рецесија, од високата инфлација и високите цени на енергенсите“ – оцени Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.

Унгарската економија се соочува со најголемата инфлација во речиси 25 години а државната валута, форинтата е на најниското ниво досега во однос на еврото и доларот.

Нејасно е колку пари Унгарија ќе изгуби доколку бидат воведени казните.

Во буџетот на ЕУ од минатата година, Будимпешта доби 22 милијарди евра,  што покрива околу 70% од средствата за некои европски програми, поврзани со договорањето на јавните набавки, според анализата која во јули ја објави европскиот комесар за буџет, Јоханес Хан.

Сепак, ретките преостаните критичари на режимот на Орбан во Унгарија не очекуваат дека тој значително ќе го промени стилот и карактерот на своето владеење, независно од потенцијалните санкции.

„Би рекол дека моторот на режимот на Орбан е непотистичката корупција. Никој од страната на Унгарија не сака да го извади моторот од автомобилот. Затоа, мислам дека можеме да бидеме скептични дек владата навистина сака да се бори против корупцијата, која е составен дел од природата на режимот“ – вели аналитичарот Петер Креко.

Популарноста на Орбан во Унгарија е несомнена, како што е и скептицизмот на граѓаните кон европските институции, кои тој често и ги обвинува дека сакаат да воспостават империјалистичка контрола на неговата држава, споредувајќи го тоа со репресијата на СССР во текот на Студена војна, кога неговата држава беше обичен пион на Советите во судирот со Западот.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Не споделувајте лични податоци и броеви на банкарски картички – МВР со предупредување до граѓаните за нов бран на лажни пораки за „Безбеден град“

Sasko Dimovski

Десет повредени во судир на три возила на патот Кичево – Охрид

Sasko Dimovski

Повеќе загинати во урнат трговски центар, 40.000 домаќинства без струја – првичен биланс по силниот земјотрес во Јапонија

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе