Најмалку 49 ерменски војници загинале во синоќешните судири на границата помеѓу Ерменија и Азербејџан, соопшти ерменскиот премиер Никол Пашинјан. Жртви има и на азербејџанската страна, но засега Баку официјално нема соопштено за број на загинати.
Според потврдените информации на ерменското Министерство за одбрана, бројот на загинати поради офанзивните акции на азербејџанската страна на ерменската граница е 49 лица. За жал, бројот на загинати не е конечен, изјави ерменскиот премиер.
Ереван за последните судири го обвини Азербејџан, кој според нив, гранатирал повеќе ерменски градови и села долж границата. Азербејџан пак, од своја страна тврди дека гранатирањето било одговор на напад врз нивните позиции.
Ерменските вооружени сили распоредени околу населбите Басаркечар, Истису, Гараклиса и Горус употребувајќи оружја од различен калибар и минофрлачи отворија интензивен оган врз некои од позициите и утврдувањата на азербејџанската армија на територијата на регионите Дашкасан, Калбаџар и Лачин. Како резултат на тоа има загинати меѓу војниците а воената инфрасструктура претрпе оштетувања, изјави заменикот шеф на канцеларијата за односи со јавност на азербејџанското Министерство за одбрана, Анар Ејвазов.
Во меѓувреме, Москва соопшти дека договорила брз прекин на огнот кој стапува на сила веднаш, но Пашинијан тврди дека на неколку места азербејџанската армија сѐ уште напаѓа.
Непријателот продолжува да користи артилерија, минофрлачи, беспилотни летала и оружје со голем калибар врз Варденис, Сотк, Артаниш, Ишханасар, Горис и Капан, напаѓајќи воена и цивилна инфраструктура. Битки продолжуваат да се водат на некои делови од границата. Непријателот не го запира нападот, изјави Арам Торосјан, портпарол на ерменското министерство за одбрана.
Двете поранешни советски републики имаат децениски спор околу регионот Нагорно Карабах, поради кој два пати војуваа, но тензиите опстојуваат.
