Првиот човек на македонскиот тим во Комисијата за историските прашања со Бугарија Драги Ѓоргиев, за изборот на името на Клубот „Ванчо Михајлов“ за Телма вели дека е избрана една историска личност за која однапред се знае дека ќе предизвика реакција во македонското општество, односно кај Македонците.
-Она што загрижува е фактот дека се игнорираат чувствата на Македонците и не постои воопшто грижа за тоа какво влијание ќе има тоа именување врз меѓусебните односи на двата народа. Без разлика на тоа каква е содржината за Ванчо Михајлов кај бугарската заедница, таа содржина кај Македонците е крајно негативна и тоа треба да се почитува кога се именува културен клуб во македонската држава. Пропуштена е шанса тој клуб да биде именуван со име на личност која навистина ќе придонесеше за приближување и за зголемување на меѓусебната доверба, вели Драги Ѓоргиев, копретседавач со Комисијата за историски прашања со Бугарија.
