Тага и страв меѓу здравствените работници по свирепото убиство на нивниот колега во скопска Железара. Загубата на доктор е загуба за целиот здравствен систем, пораки на сочувство од лекарската фела, паралелно со повици за итно расветлување на случајот. Време е велат силно да се вклучи алармот за нападите врз медицинскиот кадар.
„Лекарската комора остро го осудува убиството на доктор што се случи синоќа во скопската населба Железара, што предизвика силна вознемиреност кај докторската фела. Никаков вид на насилство во општеството не смее да се толерира, бидејќи насилството не е соодветен начин на кој се решаваат проблемите. Истакнуваме јавно барање надлежните институции итно да постапат за овој случај и да ги преземат сите неопходни мерки за да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат сторителот и да го санкционираат“, се вели во реакцијата на Лекарската комора.
Убиството на 67-годишниот лекар го отвори прашањето за безбедноста на здравствените работници. Здружението на матични лекари по кој знае кој пат побара Закон за нивна заштита. Во знак на револт поради убиството, во понеденик од 12 до 16 часот нема да работат со пацинети.
Нападите врз медицински кадар сè почесто влегуваат во полицискиот билтен. Во рок од само неколку месеци, регистрирани се низа инциденти низ болниците во земјава. Во февруари беше нападнат лекар на Итната медицинска помош во Радовиш за време на дежурство.
Претходно во еден ист месец полицијата информираше за два инциденти во тетовската болница. Со нож бил нападнат вработен во Хирургија, а десетина дена подоцна со насилство и закани се соочил негов колега од Интерното одделение.
Фелата реагираше и на закани кон лекар на клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје, но обидот за физички напад, за среќа завршил само со оштетени биро и компјутер. Само мал број од низата инциденти кои влегуваат во полискиот билтен, лекарите ги пријавуваат во матичната комора.
Весна Дојчиновска