Дали еден од најдобрите пријатели на Доналд Трамп, Владимир Путин и популистичката десница на Балканот, но и ширум Европа, по цели 16 години неприкосновено владеење, по денешните парламентарни избори, конечно ќе мора да замине во опозиција?
Ова е централното прашање додека се очекуваат целосните официјални резултати од парламентарните избори во Унгарија.
На овие унгарски избори нема излезни анкети, но првична прогноза за тоа како би можеле да изгледаат резултатите даваат предвидувањата на две од најреномираните унгарски анкетни агенции.
Со мала меѓусебна разлика – двете предвидуваат триумф на Тиса и дебакл на Орбан.
Првите резултати од пребројувањето на гласовите на комплицираниот унгарски изборен систем посочуваат водство на Тиса во 92 изборни единици , додека Фидеш има предност во 13 изборни единици.
Додека поддржувачите на Тиса се собираа покрај Дунав, на локација со директен поглед на Унгарскиот парламент, лидерот на оваа партија изрази внимателен оптимизам, оценувајќи дека тие сакаат да победат на избори а не на анкетите.
„Сакам да кажам дека секако ги видовме анкетите. Три или четири институти излегоа со предвидувања. Врз основа на нив и информациите кои ги имаме, ние сме оптимисти. Внимателни оптимисти. Но, како што кажавме претходно и многу пати досега. Не сакаме да победиме на изборните анкети, ние ќе победиме на изборите“ – изјави Петер Маѓар, лидер на Тиса.
Според агенцијата „Медијан“, Тиса ќе освои 55 проценти од гласовите, додека досега владеачката Фидеш на Орбан ќе ја добие поддршката на 37,9 отсто на гласачите. Речиси идентична е проценката и на агенцијата „истражувачки институт 21. Двете анкети предвидуваат дека Тиса ќе биде многу блиску до дво-третинско мнозинство во унгарскиот парламент.
Индикативно е дека Фидеш досега не коментираше ништо за резултатот од изборите, оценувајќи единствено дека демократскиот процес бил успешно спроведен.
Тоа што е сигурно е дека овие избори ги соборија сите рекорди во поглед на одзивот на гласачите.
Броењето на сите гласачки ливчиња на овие избори ќе потрае подолго од вообичаено.
До 18 часот и 30 минути, половина час пред затворањето на гласачките места, според државната изборна комисија, своето право на глас го искористиле речиси 78 проценти од граѓаните на Унгарија, убедливо најмногу во посткомунистичката историја на оваа држава.
Високата излезеност, генерално се оценуваше како добра вест за опозициската партија Тиса и нејзиниот лидер, Петер Маѓар.
Никола Илиевски
