Партиски расправии по туѓо сценарио, со аргументи или сомнежи?! – Социјалдемократите поставуваат „штит“ против обиди за влијание однадвор. Извршниот одбор на партијата вчеравечер одлучи да започне постапка за исклучување на поранешниот скопски градоначалник и пратеник, Петре Шилегов. За него, лидерот на социјалдемократите тврди дека одработува во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Шилегов одговара – актуелното раководство на СДСМ е во договор со власта. Филипче со оценка дека по налог однадвор се создаваат внатрешните расправии.
„Овде не станува збор за туѓо и поинакво мислење, поради тоа што и тоа мислење беше сослушано. Тука станува збор за процесно одработување за ВМРО-ДПМНЕ и за внатрешна поделба на партијата. После сите проверки на информации, стигнавме до тој заклучок. Извршниот одбор таа одлука ја донесе со консензус, никој не гласаше против. Поделбите не водат никаде. Кога ти ќе тргнеш да го делиш твојот дом, тебе ќе ти се удри од глава тоа. Јас тоа не го дозволувам“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Шилегов сѐ уште не е конечно исклучен од партијата и партиското соопштение по вчерашната седница тоа јасно го наведува. А, тој, пак, тврди дека според партискиот Статут, исклучување на член се извршува од општинската организација каде што припаѓа. Го повика Филипче да отиде во општинска Карпош таму и да разговараат за темата. Шилегов прстот го вперува во актуелното раководство, побара да се повлечат и обвини дека тие се тие што одработуваат за власта.
„Ова раководство на Социјалдемократскиот сојуз целосно одработува договорно со ВМРО-ДПМНЕ, за интересите на ВМРО-ДПМНЕ, а не за Социјалдемократскиот сојуз и неговото членство. Кажав дека очигледно е дека постои договор којшто предвидува СДСМ да биде во ваква состојба во каква што е, упорно да ги промашува темите и да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да истера два мандата, а за сметка на тоа да не бидат предмет на определени можни евентуални истраги или кривични предмети“, вели Петре Шилегов.
Претходно, СДСМ иницираше постапка за исклучување и на поранешниот потпретседател Јован Деспотовски, со образложение дека дејствувал против интересите на партијата и дека соработува со политички структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ и до ЗНАМ. Несогласувањата во СДСМ започнаа по големиот пораз на локалните избори, а истите се продлабочија и со политички и лични ставови околу раководењето со партијата и насоката во која се движи по изборниот неуспех.
Петар Догов
