На Меѓународниот аеродром во Скопје вечерва се очекува да пристигнат македонските државјани евакуирани со третиот организиран лет од Обединетите Арапски Емирати, што воедно е петти лет за евакуација од погодените подрачја на Блискиот Исток. Претходно беа реализирани летови и од Шарм ел-Шеик и Ријад.
Според информациите од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, авионот треба да полета во 16 часот по локално време, а пристигнувањето во Скопје е планирано за 20.10 часот.
За овој лет се пријавени вкупно 147 патници, од кои 119 се македонски државјани, а 28 се странци.
Со овој лет вкупниот број евакуирани македонски државјани ќе се искачи на 605 лица.
Од Министерството нагласуваат дека безбедноста на граѓаните е врвен приоритет и дека со денешната евакуација целосно е заокружен процесот на извлекување на сите македонски државјани што изразиле интерес да се вратат во земјата.
Додаваат дека дежурниот СОС-телефон, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва, остануваат достапни за поддршка на македонските граѓани.
