Европа е навикната на драматични пресврти на самитите во последен момент, но последниот во Брисел ја подигна летвичката. По маратонскиот 16-часовен состанок, лидерите на Европската унија (ЕУ) постигнаа договор за финансирање на Украина врз основа на заеднички долг, и покрај тоа што три земји одбија да се приклучат. Иако ова не беше решението што повеќето го заговараа (користење на „замрзнати“ руски средства за помош на Киев), Украина, конечно, ги доби своите пари, пишува „Политико“, кој анализира кои излегоа како победници, а кои како губитници на овој клучен самит за Европа.
ПОБЕДНИЦИ
Барт де Вевер
Белгискиот премиер одржа мајсторска лекција за стоички отпор кон планот за користење на руски средства на што се спротивстави од самиот почеток. Во најголем дел, тој беше сам во својот став, сè додека Италија и неколку други земји не изразија сомнежи кон крајот на денот.

Неговата клучна тактика? – По неколку недели отпор кон идејата за користење на „замрзнати“ средства, тврдејќи дека тоа ќе ја изложи неговата земја на масовна руска одмазда, тимот на Де Вевер дојде на разговори со претставници на Европската комисија, барајќи „неограничена“ поддршка од другите членки на ЕУ. Ова се покажа како премногу за другите, што го направи Планот Б, заедничко задолжување, единствената опција, онаа што малкумина ја сакаа, но повеќето можеа да ја прифатат.
Џорџа Мелони
Италијанската премиерка се појави како клучна фигура на самитот. Таа го постави темпото на трговскиот договор меѓу ЕУ и Меркосур и совршено го темпираше својот вмешување во финансирањето на Украина.

По недели во сенка, додека Белгија се бореше против користењето на замрзнатите руски средства, Мелони им дозволи на другите да ги исцрпат своите опции. Таа нежно интервенираше дури доцна вечерта, кога планот за т.н. репарациски заеми веќе пропадна. Дипломатите на ЕУ изјавија за „Политико“ дека Мелони не зборувала за време на првиот дел од самитот, но на крајот таа го запечатила договорот.
Антонио Кошта

Ако постигнувањето на договор беше тешко, постигнувањето на истиот во еден ден беше, речиси, невозможно. Сепак, тоа беше целта на португалскиот премиер: да ги сведе самитите на ЕУ на само еден ден. Додека повеќето лидери веќе сметаа на уште еден ден или дури и на работен викенд, Коста ја заврши работата. Никогаш целосно не се приклучи на ниту една опција, тој остана над кавгата и на крајот обезбеди договор.
Сите вклучени во војната
Колку и да звучи чудно, бидејќи војната, а особено оваа, не создава вистински победници, секој голем актер вклучен во конфликтот во Украина си замина со нешто. Володимир Зеленски ги доби парите што му беа потребни, што беше најважното нешто. Европа го исполни своето ветување да ја поддржи Украина. „Замрзнатите“ средства на Владимир Путин нема да бидат искористени против него, а Доналд Трамп сè уште има можност да ги користи тие средства како лост во иден мировен договор.
ГУБИТНИЦИ
Фридрих Мерц
Тешко е да се сетиме на понеуспешен самит за германскиот канцелар. За само неколку часа, тој претрпе два големи пораза – одложувањето на договорот Меркосур и, што е поважно, потонувањето на планот за користење на „замрзнати“ средства за кој тој силно се залагаше.

Со недели, Германија и нејзините нордиски сојузници инсистираа дека користењето на „замрзнати“ средства е единствената опција, тврдејќи дека заедничкиот долг е невозможен поради потребата од едногласност и ветото на Унгарија. Исходот го докажа спротивното: беше договорен заеднички долг со исклучок на три земји. Тоа беше потсетник дека во Брисел „невозможното“ честопати само значи дека сè уште нема политичка волја. Мерц презеде голем ризик, патувајќи во Брисел за да ѝ помогне на Урсула фон дер Лајен да лобира кај Де Вевер и пишувајќи бројни коментари за придобивките од користењето на „замрзнатите“ средства. Фактот дека планот за репарациски кредити не е формално напуштен, но технички сè уште се работи на него, е мала утеха.
Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Комисијата се согласи со Мерц во обидот да го држи заедничкото задолжување надвор од дискусијата, иако нејзиниот тим подготви алтернативни опции. Таа, конечно, ја отвори вратата за заедничко задолжување во говорот во Стразбур во среда, но беше предоцна да се преземе заслугата за договорот што на крајот беше постигнат. Дотогаш, моментумот веќе се промени, а исходот го водеа други.
Мете Фредериксен (и скандинавците)
Данската премиерка во голема мера се држеше настрана од она што беше претставено како борба предводена од Германија. Сепак, Фредериксен, чија земја го држи ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, како и поширокиот нордиски блок, тивко го поддржа наративот за „единствена опција“.

Познатата линија на поделба повторно се појави: штедливи земји наспроти споделен долг, овој пат пробиена преку спор околу тоа како да се користат замрзнатите руски средства. На крајот, еден табор очигледно победи. Лидерите се согласија заеднички да се задолжуваат за да ги покријат финансиските потреби на Украина за следните две години, потиснувајќи ги настрана алтернативните шеми што доминираа во дебатата со недели.
Унгарија, Словачка и Чешка

Ова трио, Виктор Орбан, Роберт Фицо и Андреј Бабиш, обезбеди краткорочна и во голема мера финансиска победа, избегнувајќи директни обврски за испраќање пари во Украина. Но, таа победа може да се покаже скапа. Парите сепак ќе течат, а овој потег ги турка поблиску до статус на отпадник во рамките на Европската Унија. Дали ќе има последици од остатокот од ЕУ? – Времето ќе покаже.
