Риоју Кобајаши триумфираше на Лилехамер во рамки на второто сезонско натпреварување во Светскиот куп во ски-скокови.
Кобајаши на големата скокалница во норвешкиот ски-центар до победата дојде со вкупно 290,5 поени, односно имаше два скока од 138 и 139,5 метри. Втор беше Словенецот Домен Превц со 3,2 поени послаб резултат иако во првата серија имаше најголем скок од 140 метри. Третото место го освои Феликс Хофман од Германија.
Јапонецот изби на првото место во генералниот поредок во Светскиот куп по двете натпреварувања во Лилехамер и тоа со 145 поени, девет повеќе од вчерашниот победник Даниел Чофениг, кој денеска беше седми.
Во вторник ски-скокачите ќе се натпреваруваат во шведски Фалун на нормалната скокалница, а следниот ден и на големата скокалница.
