Вести Македонија Топ вести

Чувствата на премиерот и музиката во меани- се смешаа во дебатата по критичниот извештај на ЕК за владеење на правото

Партиска вртелешка со обвинувања за европскиот извештај за владеење на правото, од чувствата на премиерот, преку музички кариери во локални меани и коруптивни јавни набавки, до барање до судството да испорачува правда.

Откако со новиот европски извештај за владеење на правото се посочија многу ризици во правосудството и се потенцираше политичкиот и институционален притисок врз судиите и обвинителите, партиските штабови со нови обвинувања на спротивната страна за грешките.

Од СДСМ велат дека „чувствата“ на премиерот Христијан Мицкоски ги поклопија правото, Уставот и правната држава.

-Клучните наоди се јасни: Високи владини функционери водат јавни кампањи за дискредитација на судии и обвинители, со цел да ги замолчат и да ги претворат во партиски послушници. Измените на Кривичниот законик повторно отвораат опасен простор за неказнивост и заштита на криминалот. Корупцијата останува широко распространета, а сомнежите за проблематични тендери се множат, рече Александар Наумоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Од владеачката партија му реплицираа на Наумоски со тврдење дека и за него има кривични истраги.

-Другарот на Венко Заев, Александар Наумоски, поранешен градоначалник на општина Ѓорче Петров од СДС, полека станува “експерт” за владеење на право и корупција. Откако му заврши музичката кариера во локалните меани во Ѓорче Петров, сега почнува да говори за борба против корупција. По се изгледа тој мисли дека треба да покаже како тој соработуваше со криминалот и корупцијата во Ѓорче Петров, за што во моментов се води и судски спор против него, а има и 3 кривични пријави по кои надлежните институции треба да постапат, раегираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Партиската вртелешка на тема европски извештај, ја дополни Демократскиот сојуз кој сега е дел од владеачката коалиција го повтори ставот на премиерот, дека судиите треба да испорачуваат правда, но мора да се воведе и ограничен судски мандат, а уставно да се дозволи казнивост на судиите.

Левица пак посочи дека европскиот извештај покажал дека корупцијата е широко распространета во општеството, а особено се критични јавните набавки и здравството, што покажува дека реформите на власта само се претставуваат како реформи без резултати.

Европската комисија покрај посочените слабости нотираше дека законите од реформскиот процес се усвојуваат иако примената останува слаба точка. Тоа и според експертите е голем проблем.

-Откако беше усвоен новиот Закон за кривична постапка, беше предвидено снимање на рочиштата, аудио и визуелно снимање на рочиштата, но не беа одвоени средства со кои ќе се овозможи имплементацијата. И сега, Вие имате условно кажано донесен закон со кој ги унапредувате состојбите бидејќи воведувате аудио и визуелно снимање на рочиштата, меѓутоа тоа не го овозможувате во пракса што значи дека законот нема никаков ефект; рече Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“. 

Најголем проблем е довербата- таа паѓа повтроно и поради политичките притисоци и поради спорите или застарени случаи за корупција на високо функционерско ниво.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Добредојде“ со грешки: Отстранет билбордот на влезот во Скопје

Igor Trajkov

И партиите бараат виновници, но не ги гледаат во своите редови

Igor Trajkov

Здравствените власти ќе прогласат епидемија во Гостивар

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе