Вести Македонија Најважни

Мирно и без провокации од Бугарија, одбележани 152 години од раѓањето на Делчев

Мирно и достоинствено за разлика од минатите години денеска беше одбележана 152 годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делев. Само силното полициско обезбедување навестуваше дека во црквата св. Спас каде се наоѓаат моштите на Делчев, цвеќе положува државниот врв, политичките лидери, министри.

Драго ми е што на ваков начин го одбележавме овој голем ден во македонската историја и тука сме во црквата св. Спас, каде и самиот Делчев побарал да биде погребан во една независна, суверена Република Македонија рече лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Ние навистина можеме да бидеме горди што, не само што тој почива во независна Македонија, туку во Македонија која напредува која е дел од НАТО и која ќе стане дел од ЕУ. Навистина тој и ние може да се гордееме со тоа што го направивме во изминатите децении“, рече Ковачевски.

Ништо не навестуваше дека лани Делчев беше камен на спомнување меѓу Македонија и Бугарија, кога не само што имаше делегација од нашиот источен сосед, туку на граничниот премин Деве Баир имаше тензии и беа уапсени тројца бугарски државјани за нарушување на јавниот ред и мир и кои беа дел од стотина кои дојдоа на гробот на Делчев. И 150 годишнината се одбележуваше заеднички со Бугарија под силно полициско обезбедување и беше настан од висок ризик.

Во овие моменти добро е да се покаже почит, но и обединетост во празнувањето на името и делото на Делчев, како што доликува, а не како во изминатите две години кога одбележувањето предизвикуваше поделби, порача вицепремиерот Бојан Маричиќ. Тој притоа изрази надеж дека оваа година ќе биде поука за сите наредни.

„Тоа само укажува дека секогаш кога има тензии и инциденти тие се однапред планирани и предизвикани и иницирани од одредени политички структури, без разлика дали се од оваа или од таа страна на границата. Минатата година се уште беше отворено, свежо искуството и со францускиот предлог, но беше пред нас и предизвикот кој се уште го имаме со уставните измени. Токму затоа таа националистичка тензија се држеше од двете страни на границата“, рече Маричиќ.

Тој додаде дека му е драго што оваа година немало провокации од Бугарија.

„Неговото име и дело доликува да се слави без конфликти, без национализам и без злоупотреба. Оваа година го немавме тоа, затоа што навремено делувавме и институционално и политички и затоа што друга е ситуацијата во Бугарија. Има нова Влада и ова е дел од таа нормализација на односите“, додаде Маричиќ.

И додека државниот врв и политичките лидери си заминуваа, граѓаните стрпливо чекаа да дојде и нивниот ред за да му оддадат чест на делото на Делчев. Делегации цвеќе положуваа и во градскиот парк пред споменикот на револуционерот.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе