Вести Македонија Најважни

Започна седницата за избор на техничка влада пред парламентарните избори на 8 мај

Собранието денеска ја почна 141. седница со единствена точка на дневниот ред избор на влада на Република Македонија. Дневниот ред беше изгласан со 67 гласови „за“, без против и воздржан. Во салата имаше регистрирано 108 пратеници.

Mандатарот на оваа преодна влада која се формира на сто дена пред изборите за пратеници на 8 мај, вчера ја достави програмата и Предлог-составот на новата влада. Основна задача на преодната влада е организирање фер и демократски парламентарни избори.

Собранието ја избира владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во Предлог – составот на преодната влада мандатарот предлага прв заменик премиер на владата и вицепремиер за европски прашања да биде Бојан Маричиќ, додека Артан Груби – министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Панче Тошковски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е предложен за министер за внатрешни работи, како и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика.

На досегашните места остануваат Кренар Лога – министер за правда, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити – министер за здравство, Јетон Шаќири – министер за озбразование, Ристо Пенов – министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура, Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Каја Шукова – министерка за животна средина, Фатмир Битиќи – министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска – министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.

Се очекува по изгласувањето на техничката влада, во Собранието да се одржи уште една пленарна седница на која ќе се гласа за дополнителните заменици министри.

СДСМ го предложи Митко Бојмацалиев за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика.

ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори. Мандатот на преодната Влада трае од изборот, па се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.

Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година беше Оливер Спасовски.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Цената на струјата ќе се намали, ако стигне понуда за поевтин мегават од сегашните 58 евра на ЕСМ

Дејан Дејан

Кацарска по неколкуте напади: Не се чувствувам безбедно- Обвинителството го истражува последниот напад, а осомничениот имал и „ФБ листа за одговорност“

Дејан Дејан

Стари возила, ниски плати и недостиг на вработени – Одбележан Денот на пожарникарите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе