Вести Свет Топ вести

Украина напредува во контраофанзивата- руските сили се движат кон Доњецк

Украинската армија за само 24 часа успеала да ги истисне руските вооружени сили од повеќе од 20 населени места. Украинските војници го креваат своето знаме во областите на североисточниот регион Харков, кој беше окупиран од Русија. Во Боршова, еден војник го гази на руско знаме пред да биде закачено украинското знаме.

  • Главниот плоштад во Изум, зградата на локалната администрација сè уште гори. Сè наоколу е уништено, но во ред е. Ќе обновиме сè. Изум беше, е и ќе биде Украина и сè ќе биде Украина- Јуриј Кочевенко, офицер на украинската војска.
  • Слава на Украина! Слава на хероите! Слава на нацијата! Смрт на непријателите!, скандираат украинските војници.

Последните денови, армијата на Киев спроведува голема контраофанзива за враќање на областите окупирани од Русија. Операцијата ја принуди Москва да ги повлече своите трупи за да не бидат опколени, оставајќи зад себе значителен број оружје и муниција при итното повлекување.

Жителите во неверување, излегуваат од скривните и раскажуваат за ужасите на кои биле сведоци.

  • Се уште не можам да верувам дека си отидоа и дека излеговме од периодот на смртта- Васил.
  • Бев исплашена, многу исплашена. Сликата со локва крв се уште ми е пред очи – огромна локва крв. Тешко е да се живее во мрак. Не сакам да се навикнам на тоа- Марија Хрихорова.
  • Русите беа тука утрината и потоа попладнето почнаа изненадно да викаат и почнаа да бегаат, трчајќи кон тенковите и оклопните возила- Димитро Хрушченко.

Украинскиот Генералштаб соопшти дека нивната војска напредува во областа Харков, додавајќи дека во моментов се наоѓаат на 50 километри од руската граница. Украинските сили во септември повратиле повеќе од 3.000 квадратни километри територија и ја продолжуваат својата офанзива.

Москва го признава повлекувањето од украинските градови Изум и Балакли. Министерството за одбрана наведе дека оттаму руските војници се прегрупирани во правец на Доњецк за да се постигнат целите на „специјалната воена операција за ослободување на Донбас“.

Украинскиот претседател Зеленски, честитајќи и на својата армијата за пожртвуваноста, рече дека ова е само почеток на тешкиот пат до победата.

Во меѓувреме руските сили извршија уште еден напад, со проектили ја нападнаа термоцентралата Харков, што предизвика недостиг на струја во источна Украина. Зеленски смета дека тоа е освета за украинската против офанзива. По интервенцијата на противпожарните служби, струјата повторно има во Харков, информираше градоначалникот Тереков.

Во меѓувреме францускиот претседател Макрон по телефон побарал од Путин да го повлече оружјето од нуклеарната централа Запорожје за да се осигура безбедноста.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Главната цевка на водоводот во Гостивар била преместена за проектот Коридор 8 на Бехтел и Енка во мај годинава

Sonja Petrusevska

Велешанка касната од пајак „Црна Вдовица“, пренесена е на скопските клиники

Kristina Kuzmanovski

Италија повеќе не ги прифаќа македонските возачки дозволи, за иселениците ова е ризик да останат без работа

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе