Интегративците се задоволни од своите министри. Не размислуваат за ничија оставка, вклучително и на Бујар Османи од функцијата министер за надворешни работи, иако повеќе партии, здруженија и поединци бараат одговорност од него за отворањето на клубот „Ванчо Михајлов„ во Битола.
Се бара и преиспитување на неговата улога, затоа што придонел за нарушување на преговарачките позиции на Македонија со Европската унија.
-Не размислуваме за оставка на ниеден функционер. Мислам дека е време да се однесуваме државнички, да размислиме за отворање на нови перспективи за граѓаните и за иднината на државата, изјави Арбр Адеми, пратеник од ДУИ.
Но, опозицијата и денеска бара, не само оставки, туку и одговорност.
Политички ветер и магла, за пратеничката Сиљановска е „аргументацијата“ на министерот дека е во прашање слободно движење на луѓе, стоки и идеи, кога зборуваме за официјални претставници на странска држава, а не за културни дејци.
“Што не ќе чуеме од г-динот Османи: те, не не информирал за договорот од 2019 за заедничко славење на Самоил, Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум за да не поштеди од нервози, небаре сме го избрале за матичен национален лекар, те не советува да се ослободиме од емоциите, да бидеме непристрасни и прагматични за да го фатиме европскиот воз, те се повикува на португалски предлог, наместо да гради македонски…. Замислете, својот културен идентитет го заштитил со Бадентерово мнозинство, односно со вето, а мојот, неовластено „го штити“ тој на негов, таен начин…. И ние го толерираме, во името на „ европските„ цели! Така, михајловизмот стана „ европски“ чекор за д-р Бујар Османи, пишува Гордана Сиљановска-Давкова,пратеник од ВМРО ДПМНЕ.
Пратеничката е остра и кон ЕУ. Пишува дека, не е само бугарски, туку и европски срам да се „заборави“ дека модерна Европа е заснована врз антифашистички темели, па премиер на членка на ЕУ, во друштво на највисоки политички функционери учествува во отворање на „ културен“ центар со име на личност со документирано фашистичко искуство.
Далиборка Демјанска Цветановска
