Вести Свет

25 цивили убиени во руски ракетен напад на железничка станица во источна Украина – Русија тврди дека нападнат бил воен воз

Во руски ракетен напад на железничка станица биле убиени 25 луѓе, соопшти Украина, на денот кога се одбележуваа 6 месеци по почетокот на руската инвазија.

5 од жртвите на нападот во источниот украински град Чаплине изгореле во својот автомобил, потврдија властите. Додека меѓу жртвите има и две деца на возраст од 6 и 11 години.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски веста за нападот ја соопшти во текот на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Во нападот биле повредени уште 30-тина луѓе.

„Чаплине денеска е нашата болка. До овој момент, има 22 мртви, 5-мина од нив изгореа во автомобил, загина 11-годишен тинејџер, руски проектил ја уништи неговата куќа. Спасувачките операции на железничката станица ќе продолжат. Секако ќе направиме окупаторите да бидат одговорни за се што направија. Секако ќе ги протераме окупаторите од нашата земја. Ниту една дамка од ова зло нема да остана во нашата слободна Украина. Ќе стигнеме до победата“ – вели претседателот на Украина, Зеленски.

Во ситуација кога војната освен со проектили, артилерија и тенкови се води и со информации, руската верзија за нападот е драматично поинаква.

Во соопштението на руското министерство за одбрана се тврди дека уништен бил воен воз кој пренесувал стотици Украински војници.

„Како резултат на директен удар со проектил Искандер на воен воз на железничката станица Чаплине, повеќе од 200 припадници на резервниот состав на Украинските вооружени сили и 10 единици воена опрема беа елиминирани на нивниот пат кон воената зона во Донбас“ – тврди Игор Конашенков, портпарол на руското министерство за одбрана.

Украина не спомена жртви меѓу припадниците на армијата во својата информација за нападот, додека официјална Москва постојано демантира дека напаѓа цивилна инфраструктура.

Украина вчера го одбележа својот ден на независност, но без големи прослави, токму заради стравувањата од можни руски напади.

Во Киев вчера се појави и британскиот премиер во заминување, Борис Џонсон, еден од најсилните поддржувачи на Украина, кој најави нов пакет воена помош во износ од 63,5 милиони долари, незначителна сума во однос на новиот пакет американска воена помош најавен од американскиот претседател Џо Бајден, во износ од 3 милијарди долари.

Од Русија веста на денот е апсењето на еден од последните истакнати опозициски политичари во државата кој досега не беше убиен, уапсен или присилен да ја напушти земјата. Додека полицијата го приведувала Јевгениј Розман, од неговиот стан утринава, еден од новинарите го прашал за што е обвинет.

Само заради една реченица, одговорил 59 годишниот Розман. Дека кажав инвазија на Украина. Против поранешниот градоначалник на Екатеринбург, поднесено е обвинение за сериозно кривично дело – дискредитирање на руските вооружени сили. Тоа е често обвинение кое се користи против анти-воение активисти во Русија.

Доколку биде прогласен за виновен, што секако не би било никакво изненадување во автократскиот руски режим, Розман се соочува со 5-годишна затворска казна.

Медиумите под контрола на официјален Кремљ информираа дека при претресот на неговиот стан биле пронајдени визит карти на странски политичари, честа тактика која се користи за опишување на опозицијата во Русија ако анти-патриотска и во служба на странските, непријателски држави.

Повеќе од 16 400-тини Руси досега беа уапсени заради анти-воените протести.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе загинати во урнат трговски центар, 40.000 домаќинства без струја – првичен биланс по силниот земјотрес во Јапонија

Sasko Dimovski

Полицијата уште ги бара двајцата вандали кои со шовинистички пораки го „нагрдија“  српското културно друштво во Куманово – Работиме интензивно, велат од СВР Куманово

Дејан Дејан

И Мицкоски со став дека Протокол со Бугарија не е дел од Преговарачката рамка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе