Правото на штрајк што го користи СОНК и правото на децата да бидат вклучени во воспитно – образовниот процес се со Уставот загарантирани права. Во ваква ситуација кога СОНК штрајкува без одржување настава , согласно меѓународните документи, предност им се дава на правата на децата, рече Народниот правобранител.
„Меѓународните документи, Конвенцијата за правата на детето вели дека во случај на судир на 2 права, предност треба да се даде на правата на детето. Што значи, не треба воспитно –образовниот процес да трпи последици“ – изјави Насер Зибери, народниот правобранител.
СОНК е во штрајк од 11 април зашто бара зголемување на платите за 18, 4%, согласно порастот на минималната. До Народниот правобранител не пристигнала ни една претставка за спречување на штрајкот. Но, добил 4 до 5 поплаки од родители, од кои повеќето за сместување на децата во градинките. Родителите го подржувале штрајкот, но побарале Зибери да превземе мерки за продолжување на наставата.Омбудсманот рече дека се залага и за подобрување на материјалниот статус на наставниците, но апелира за изнаоѓање побрзо решение за да не трпи правото на образование на децата.
„Апелирав до Владата да ги продолжи преговорите со синдикатите на вработените во образованието, да се најде што побргу решение , за да нема последици по образовниот процес“ – додава Зибери.
Кога го пријавил штрајкот до МОН, СОНК не прецизирал дека тој ќе се одвива со прекин на наставата. За тоа синдикатот оставил да одлучуваат директорите на училиштата и родителите, рече министерот за образование.
„Ако реално мислат од членството на СОНК, нека излезат со соопштение дека ние ја прекинуваме наставата, за да знаеме кој е тој во овој процес што децата немаат образовна настава“ –вели министерот за образование Јетон Шаќири.
Шаќири кажа дека контактирал со претседателот на СОНК, дека на денешната седница на Владата ќе се зборува за штрајкот , а заклучоците ќе му бидат испратени на синдикатот. По одбиениот предлог за зголемување на платите за 10%, простор за дијалог сеуште има.
Усогласувањето на платите во образованието и предучилишното воспитување со зголемената минимална се прави побрзо од предвидениот законски рок, дополни министерот за образование.
Сотир Трајков
