Не се расфрламе со ветувања, туку ветуваме чесеност, посветеност, одговорност, принципиелност. Водејќи се по овие начела предвидовме Програма во која гарантираме подобрување на состојбата во нашиот град. До 2024 година, Општина Штип ќе стане дигитална општина и секој документ ќе може да се побара и да се извади по електронски пат. Ова вечерва го соопшти кандидатот за градоначалник на Штип од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери Иван Јорданов.
-Ќе овозможиме и следење на фазата во која се наоѓаат документите, така што без да чека низ ходниците во општината, странката ќе може да го следи својот документ, каде и да се наоѓа, преку својот мобилен телефон. Сакаме да стекнеме доверба кај граѓаните, да ги увериме дека локалната самоуправа работи во нивен интерес, дека постои за олеснување на животот на граѓаните и дека работата која е во надлежност на институциите на локално ниво е можно да се заврши ефикасно и во кратки рокови, нагласи Јорданов. Додаде дека бизнис заедницата ќе биде стратешки партнер и ќе постави лице кое ќе биде задолжено токму за нив.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од вечерашниот централен митинг во Штип, истакна дека заврши времето на поделби, заврши времето на наши и ваши и дека сега доаѓа времето на новата заедничка иднина, време на единство, време на подобра иднина за сите граѓани на Македонија.
– Доаѓа новата зора на пристојноста, на отвореноста, на коректноста и – најважно од сé – на чесноста. Доаѓаат промени и време на отворени врати на општините за сите и за сé. Доаѓаат промени и време на единството, на солидарноста и на фер однос, рече Мицкоски.