Вести Локални избори 2021 Македонија

Според пописот во државата има помалку од 1,5 милион гласачи додека во избирачкиот список има над 1,8 милион. Еве зошто?

Пописот треба да донесе податоци за бројот на жители кои живеат во државата, а за првпат можеа да се попишат и припадниците на дијаспората кои таа можност ја исполнуваа сами преку електронска апликација.

Долги години Македонија се соочува и со голем и долг избирачки список, а на последните избори имаше вкупно 1.824.864 запишани избирачи со право на глас иако претходно неколкупати се прочистуваше избирачкиот список.

На денешното соопштување на резултатите од пописот беше соопштено дека во државата живеат само 12 илјади повеќе жители од запишаниот број на избирачи (1.836.713)

Државниот завод за статистика даде и податок по години на возраст на попишаните граѓани, а според прикажните бројки до 18 години имало вкупно 372.558 граѓани. Под 18 години немаат право на глас, а кога ќе се извадат овие малолетни граѓани во време на пописот кој речиси се поклопи со ланските локални избори, тогаш излегува дека од вкупно попишаните право на глас имале 1.464.155 граѓани.

Во бројката резидентно население спаѓаат оние што се попишале пред попишувач, но и оние над 132 илјади за кои се земени податоци од административните бази на податоци. ДЗС досега не ја објави старосната структура на попишаните во дијаспората каде се попишани над 258 илјади граѓани на Македонија.

Но доколку се следи процентот од околу 22 % малолетно насление како во татковината, тогаш меѓу отселените би требало да има има околу 57 илјади малолетни, односно уште 201 илјада избирачи.

И со таа бројка пак не се стига до бројот на запишани избирачи за локалните избори, заоа што вкупно би имало околу 1,464 милион гласачи во државата и 201 илјада во странство односно се на се околу 1.665.000 избирачи. Недостасуваат уште околу 160 илјади запишани избирачи.

Објаснувањето за избирачкиот список е тоа што според Изборниот законик право на глас има секој македонски државјанин постар од 18 години. А државјани има над 2,5 милиони низ целиот свет.


За да оствари право и да гласа треба да има важечка лична карта или пасош, затоа што во активниот избирачки список на гласачките места се ставени и фотографиите од личните документи.

Бројката на попишани во државата и во дијаспората покажува сепак големи разлики на избирачкиот список со широкото законски пропишано право на глас во споредба со реалниот број на жители во државата. Поради тоа често се случува, луѓе од дијаспората да одлучуваат локални избори во општини од по 5-6 илјади жители иако таму живеат по максимум неколку недели годишно и воопшто немаат исти потреби за локални патишта, водоводи и образовни услови како постојаните жители на тие општини.

Од друга страна пак за парламентарните избори е можно, иселеници да се пријавуваат за гласање во амбасадите и конзулатите на Македонија, но последните два циклуси по промената на изборниот модел, дијаспората не успева да обезбеди ниту по еден пратеник иако според бројките од пописот би требало да има над 15 пратеници.

Миомир Серафиновиќ

2.097.319 попишани граѓани во Пописот во 2021 година

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Георгиев: СДСМ треба да се остави да го изоди својот пат

Дејан Дејан

Тодоров: СДСМ за цело време на мандатот губеше политички поени заради ДУИ

Дејан Дејан

Зеленски го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе