Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, престојуваше во Брунен, Швајцарија, каде што учествуваше на работната средба посветена на подготовката на две значајни меѓународни бизнис-иницијативи што ќе се реализираат во текот на ноември годинава.
На средбата се разговараше за организацијата на конференцијата „Business Club West and South East Europe“, која ќе се одржи од 6 до 8 ноември во Брунен, Швајцарија, а чија цел е формирање бизнис-клуб што ќе ги поврзе компаниите и деловните лидери од Западна и од Југоисточна Европа. Иницијативата е поддржана од Здружението на српски стопанственици во Швајцарија, предводено од Стојан Стевановиќ, истакнат бизнисмен кој работи во Швајцарија, и од Adriatic Business Academy, чиј директор е Милијан Димитријевиќ, сѐ со цел да се создаде платформа за вмрежување, размена на искуства, поттикнување нови партнерства и за унапредување на регионалната економска соработка.
Беше разгледана и организацијата на меѓународната конференција „Private Label“, која ќе се одржи на 16 и на 17 ноември во Белград, во соработка со Adriatic Business Academy. На конференцијата ќе бидат отворени прашања поврзани со развојот на трговските марки, како и со предизвиците што ги создаваат нетарифните бариери во регионалната и во меѓународната трговија.
Со овие активности се продолжуваат напорите за јакнење на економската соработка, поврзување на бизнис-заедниците од регионот и за отворање нови можности за компаниите преку интензивно вмрежување, размена на знаења и преку воспоставување деловни партнерства.
