Во Гостивар е нарушен редовниот живот на граѓаните и економското работење и тоа би требало да биде појдовна основа од каде треба да тргне Јавното обвинителство, вели адвокатот и поранешпен судија Владимир Туфегџиќ во денешното Телма интервју на ТВ Телма.
„Ова што го говорам е содржано во член 291 од Кривичниот законик, дека тоа уништување или оштетување на јавни инсталации. Овде е направено токму тоа. Причина е измената, односно правење на неупотреблив водоводен систем, а како последица на тоа е значително нарушување на редовниот живот на граѓаните и стопанското работење и предизвикување, односно доведување до степен на опасност од епидемија“, смета Туфегџиќ.
Според него, Јавното обвинителството треба да излезе на прес-конференција и да објасни на јавноста до каде може, согласно закон, да дава информации.
„Ги разбирам дека истрагата во еден дел е тајна, меѓутоа овде се работи за утврдување на ноторни факти и состојба. Тоа подразбира дали постоел проект за измени, ако постоел, кој го одобрил тој проект, кој го проектирал, кои луѓе учествувале во тоа, кои луѓе учествувале во монтажа на тој систем и кои биле целите, што сакале да постигнат со тоа“, смета Туфегџиќ.
С.Д.
