Вести Свет Топ вести

По разорните израелски бомбардирања на Бејрут – мировниот договор меѓу САД и Иран на стаклени нозе

Се распаѓа ли договорот за прекин на огнот на Блискиот Исток, само неколку часа откако целиот свет се понадева дека по објавите на САД и Иран за прифаќање на мировната иницијатива на Пакистан, бруталната војна во регионот конечно ќе запре?

Веројатно за никого не е изненадување дека целиот процес го загрозува Израел и екстремно десничарската влада на Нетанјаху.

Набргу откако американскиот претседател Трамп и иранските власти објавија дека се согласиле за двонеделен прекин на насилствата, Израелската армија ги изведе досега најмасовните авионски напади во Бејрут и други населени места во Либан, наводно таргетирајќи ги припадниците на про-иранската шиитска група Хезболах.

Без никакво предупредување, во бранови и бранови, израелски авиони уништуваа станбени згради во густо населени населби во различни делови од Бејрут, јужните предградија кои важат за упориште на Хезболах, но и во центарот на главниот град на Либан и други региони, каде милитантите немаат никаква поддршка.

Во разорното бомбардирање на очигледно цивилни цели, убиени се најмалку 254 лица а повредени 1 165.

Објаснувањето на Израел е дека тие се согласиле за прекин на огнот со Иран, но не и со Хезболах.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој заради уништувањето и огромните цивилни жртви во Газа од меѓународниот кривичен суд е осомничен за воени злосторства и за него е издаден налог за апсење, дури тврди дека и Иран се согласил за прекин на огнот кој не го вклучува Либан.

 „Му го зададовме најголемиот удар на Хезболах од пејџерите наваму. Нападнавме 100 цели за 10 минути на локации за кои Хезболах беше сигурен дека не можат да бидат погодени“ – тврди Нетанјаху.

Во телефонска изјава за американскиот јавен радиодифузен сервис, разбирање за израелските напади изрази и Трамп, кој исто така тврди дека Либан, заради Хезболах, не бил вклучен во договорот. Но, и тоа ќе се среди, ја уверува јавноста човекот кој пред нецели 24 часа се закани со уништување на иранската цивилизација.

Но, доколку се погледне првичната објава на премиерот на Пакистан, Шахбаз Шариф, кој директно посредуваше во договорот, во неа јасно се посочува дека Иран и САД, заедно со сојузниците се согласиле со прекин на огнот- насекаде, вклучувајќи го и Либан. Некој очигледно лаже.

Очекувано, Иран бргу реагираше. Иранската револуционерна гарда испратила порака до сите бродови кои се подготвуваа да поминат низ Ормутскиот теснец дека пловењето е забрането, без посебна дозвола од Исламската република.

Откако беше прогласен договорот за прекин на огнот, само два бродови поминаа низ теснецот.

Истовремено, гардата се закани дека доколку Израелските напади против Либан веднаш не запрат, ќе одговори на начин, цитирам, кој ќе предизвика жалење кај САД, кои повторно го прекршија дадениот збор и нивниот ционистички партнер во масакрите.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЈО Гостивар – Одлуката за натамошниот тек на постапката ќе биде донесена по добивањето на резултатите од испитувањата на примероците од водата во гостиварскиот водовод

Дејан Дејан

Русија изврши голем балистички ракетен напад врз Киев – најмалку едно убиено лице и 14 повредени

Дејан Дејан

Шпанија ја очекува најжешката недела од летото – температурите следната недела ќе достигнат до 45°C

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе