Американската армија соопшти дека по успешно спроведена спасувачка операција, бил лоциран и евакуиран пилотот чиј авион беше соборен над Иран. Претходно иранските власти соопштија дека бил уништен американски Ф-35 а пилотот се исфрлил и слетал во централниот дел на земјата. Иранските медиуми соопштија дека властите понудиле награда од 10 милијарди томани, или нешто повеќе од 50.000 долари за негово заробување.
Локалната полиција во соопштение по уривањето на непријателскиот американско ционистички ловец Ф-35 над централниот дел на земјата и катапултирањето на пилотот, или пилотите над провинциите Когилује и Бојер Ахмад, ги повика сите жители и селани да соработуваат со армијата и полицијата, објави иранската државна телевизија.
Меѓутоа, американската централна команда соопшти дека урнатиот авиот е Ф-15Е. Но, овој тип на авиони вообичаено имаат посада од два члена, но засега нема информации дали во него имало две лица или само едно.
Во меѓувреме не стивнуваат реакциите по уништувањето на најголемиот мост во Иран и на Блискиот Исток. Потврдувајќи го нападот врз него, Вашингтон тврдеше дека тој бил користен за воени цели, но иранските власти негираат.
Мостот немаше апсолутно никаква воена употреба, ниту пак низ него се одвиваше транспорт на воена опрема и нема никаква воена база во близина. Овој напад само ја потврдува крајната бруталност на непријателот и државите кои војуваат со нас, изјави Абулфаз Рахми, директорот на градежната компанија која го гради мостот.
Мостот во провинцијата Караџ, еден од најкомплексните инфраструктурни проекти во Иран, бил уништен со два проектили а во експлозиите биле убиени 8 цивили и уште 95 се повредени. Станува збор за локални жители и семејства кои во близина на мостот го одбележувале Денот на природата, кој го означува крајот на празнувањето на иранската нова година.
Повеќе од 100 експерти за меѓународно право го ставија својот потпис на отвореното писмо со кое изразија „длабока загриженост“ поради тоа што тие го нарекуваат сериозно нарушување на меѓународното право од САД и Израел во војната на Блискиот Исток.
Експертите укажуваат и на „алармантна реторика “што ја користат официјалните претставници на САД, вклучувајќи ги заканите на претседателот Доналд Трамп, дека ќе ги „уништат“ електраните во Иран.
Игор Трајков
