Можна лажна изјава на кандидатката Антонија Андонова Тасевска за тоа дали е донатор или не на политичка партија била главниот проблем за избор на нов член на антикорупциската, дознава Телма од извори од комисијата која требаше денеска да гласа. Откако Телма објави дека нејзините лични податоци се совпаѓаат со податоците на листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ од 2017 година, таа на интервјуто кое се одржа во четвртокот не се сеќаваше дали навистина дала 25.000 денари предизборно. Но, ваквиот одговор и сомнежи денеска доведоа да се поништи целиот оглас.
Неофицијално, присутните членови на комисијата за избори и именување се натегале околу тоа дали изјавата која е дадена и на нотар дека не е донатор, а беше потребен документ за да се учествува на конкурсот, всушност е со лажна содржина.
Претседателот на комисијата за избори и именување, Игор Здравковски за Телма вели дека тие не се истражен орган, па да се оттргнат сите сомнежи најдобро било огласот да се поништи. Вели дека ваквиот избор би бил сомнителен не само поради ова, туку и поради немањето кворум за гласање. Дел од членовите на комисијата и од невладиниот сектор не се појавиле, а дел побарале изземање поради колегијални односи со кандидатите. Вели дека во интерес на демократијата најдобро било решението процесот да се повтори. Според законот, кандидатот за член на ДКСК не смее да е донатор на партија во изминатите 10 години.
Инаку петмина кандидати беа пријавени за трката за испразнетото место во Антикорупциска по оставката на Цвета Ристовска. На јавното интервју во Собранието не се појави еден од нив, па останаа четворица. Телма ден пред изборот освен за Андонова Тасевска објави дека и име како на кандидатот Борче Стојановски се јавува во листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, но од 2014 година, но се поминати повеќе од 10 години.
Меѓу останатите кандидати беше и Владимир Клековски, кој е адвокат и брат на актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Четвртата кандидатка Милка Муратовска, пак, е советничка на Народен правобранител и за неа член во комисијата барал изземање, бидејќи се колеги. Откако денеска пропадна гласањето, сега од ново ќе треба да биде распишан оглас за да се доекипира ДКСК. Претходниот беше распишан откако поранешната антикорупционерка, Цвета Ристовска си поднесе оставка поради скандалите поврзани со неа.
Билјана Николовска
Дигитална обработка: T.Д.
