Како инвеститори на зградата на булеварот Теододсиј Гологанов, каде при копање на дупка се случи свлечиште на зeмјиштето и е предизвикана голема штета, се јавуваат компаниите „Про билдинг компани“ од Тетово и „ПалмаТраде“.
Тетовската фирма „Про билдинг компани“ е во сопственост на Абдуљвехап Хусеини, Трипун Крстевски и Ванчо Крстевски, а според податоците на „Бизнис мрежа“ минатата година добивката на компанијата е намалена за 97 отсто и изнесува 216 илјади денари.

Втората фирма која е инвеститор на зградата во Центар е „ПалмаТраде“ и таа е во сопственост на Љумиал Џеладини. Според податоците на „Бизнис мрежа“ минатата година, оваа компанија имала добивка од 3,4 милиони евра и истата е зголемена за 94 отсто.
Изведувач на градежните работи е компанијата „КОНСТРУКСИОНИ-инвест ДООЕЛ Тетово“, во сопственост на Гани Идрзи. Компанијата лани завршила со минус од 127 илјади евра.

За надзорот била одговорна компнијата „ХИГХ КОНСТРУКТИОН ГРОУП ДООЕЛ Гостивар“, во сопственост на Исмаил Беџети, која е со блокирана сметка и лани заработила околу 33 илјади евра.

Копањето на дупка за нова зграда, предизвика свлечиште на земјата, кое предизвика големи штети – беше затрупан багерот, оштети делови од тротоарот и улицата, а падна и бандера врз паркирано возило . Последиците од свлечиштето и денеска се видливи, а местото е оградено со ленти.
Дел од едната коловозна лента на булеварот останува оградена со столпчиња, а од МВР се чека информација дали тие дале одобрение за вакво сообраќајно решение.
Од општина Центар информираат дека „ изречени се највисоки казни“, без да се прецизира сумата. Од таму додаваат дека државниот градежен инспектор, заедно со стручните служби на Општина Центар констатирал дополнителни неправилности поврзани со изведбата на градежните активности.
Од градежниот инспектор на Општина Центар ќе биде побарано одземање на лиценците на одговорните лица вклучени во изградбата, а ќе побара и утврдување одговорност од надзорот и изведувачот на објектот поради несоодветно и несовесно постапување, согласно законските прописи.
За случајот е известено и Основното јавно обвинителство.
