Вести Македонија Најважни

Шпионска афера во кабинетот на Силјановска – според Мицкоски тоа е резултат на пријава на „глодари“

Случајот со копирање на податоци од компјутерскиот систем бил откирен пред половина година и пријавен во средина на декември лани во МВР и во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), но и шест месеци подоцна нема крај на истрагата.

Од кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова нема официјална реакција за истрагата, а веста беше објавена во јавноста додека таа се враќаше од посетата на Словенија.

Според сознанија на Телма, ИТ администраторот кој е осомничен дека копирал и изнесувал податоци од компјутерскиот систем во вилата Водно, по отварање на истрагата е отстранет од работното место до завршување на постапката. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврди дека води предистрага, која е отворена поради „постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес“.

Одземени биле и компјутери и мобилни телефони за вештачење, а ОЈО ГОКК наведува дека имале проблеми во предистрагата, бидејќи кабинетот не им ги доставувал снимките од безбедносните камери, а потоа тие биле преземени од МВР. Обвинителството тврди дека чека два месеца известување од МВР за екстрахираните податоци за истрагата за чувствителното прашање, но МВР тврди дека работи на вештачење и анализи.

„Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на Кабинетот на претседателката, со задолжение до обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази. До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази“, соопштија од ОЈО ГОКК.

„Во тек е анализа на сите електронски докази кои се екстрахирани од одземената опрема. Извршен е службен разговор со лица вработени во Кабинетот на Претседателот и за истите доставено е известување до ОЈО ГОКК. По целосно расчистување на случајот јасноста ќе биде соодветно известена“, одговори МВР.

Во дебатата меѓу двете институции за гонење криминал, преку одговор на новинарско прашање, се вклучи и премиерот Христијан Мицкоски кој вели не сака да коментира, но ги употреби именките со кои често се служи при опис на политичките ривали.

„Тоа се шпионски талог на општеството, структури од минатото. Коишто се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари. Претседатели, премиери, итн. И тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства. Се разбира, таму е Ислам Абази, веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало. Јас не би ги коментирал овие глодари, бидејќи мислам дека треба да ги заборавим“, изјави Мицкоски.

Во анонимна претставка испратена и до медиумите се спомнуваат и членови на кабинетот на Силјановска, владин функционер, обвинителка, две припаднички на разузнавање, како и шпионажа за странски служби од држава која не е членка на НАТО.

Сите овие податоци се доставени преку пријавата, а предистрагата ја води обвинителката Катерина Коларевиќ која минатата недела ја затвори истрагата за мазутот, за Капушевски, Јахоски, Ковачевски и фирмата РКМ после што владеачките пратеници бараа оставка од неа и шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази. Обвинителите соопштија дека не се најдени докази за тврдењата на МВР за штета од 167 милиони евра и злоупотреби при испораката на мазутот и јавните набавки за мазутот за ТЕЦ Неготино.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЈО Гостивар – Одлуката за натамошниот тек на постапката ќе биде донесена по добивањето на резултатите од испитувањата на примероците од водата во гостиварскиот водовод

Дејан Дејан

Русија изврши голем балистички ракетен напад врз Киев – најмалку едно убиено лице и 14 повредени

Дејан Дејан

Шпанија ја очекува најжешката недела од летото – температурите следната недела ќе достигнат до 45°C

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе