Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за Телма потврдија дека поранешниот државен правобранител и актуелен адвокат Фехми Стафа признал вина за делото за кое се гони и е во притвор во затворот во кумановско Кшање. Претходно веб порталот Скопје1 објави дека е склопена спогодба меѓу обвинителството и Стафа.
Од обвинителството велат дека спогодбата е склучена доцна попладнево и дека Стафа по признавање на вина за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ ќе добие една година и 3 месеци затвор. Спогодбата треба да ги помине и судските инстанци.
Стафа беше уапсен во декември кога од Водно се спуштал кон Скопје откако од сестра на негов клиент зел 20 илјади евра. Парите му беа најдени во автомобил, а истрагата соопшти дека тој барал и добил 50 илјади евра за да посредува и да влијае врз апелационен судија. Предметот во кој требало да изврши влијание за 50 илјади евра е предметот за бегалецот Љупчо Пецов Ѓаволот кој повеќе од две години се криеше во Бугарија и Македонија бидејќи избега пред истрагата во која беше осомничен за даночно затајување од над милион евра.
Адвокатот на Пецов Ѓаволот, Стафа тврдел дека ќе му среди кај апелационен судија да не му определи притвор кога ќе се пријави, но Стафа потоа беше уапсен и повеќе од 4 месеци беше во притвор кога го призна делото. Пецов пак поради здравствена состојба доби домашен притвор, и 24-часовно полициско обезбедување поради ризици и опасности за неговата безбедност и поради можно влијание врз него.
Поврзано со случајот, но за друго кривично дело има истрага во која е осомничен апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Во истрагата, во куќата на родителите на Ристов беа најдени 350 илјади евра заѕидани во ѕид во кујна. На Ристов му беше определен домашен притвор, а се уште трае истрагата за случајот и за поврзаноста на Ристов со предметот во кој вина призна Стафа.
Миомир Серафиновиќ
