Залутан куршум бил причина за смртта на двегодишното дете кое почина на втори јануари откако за новогодишната ноќ неговите родители го изнеле да гледа огномети.Телма дознава дека детето било погодено во темето, што наведува дека куршумот летал високо и од далеку. Целото зрно од куршумот било извадено и сега се анализира од полицијата дали е испукано од регистрирано оружје со познат сопственик. Истрагите за заскитаните куршуми се многу тешки и сложени бидејќи не е позната ниту локација ниту далечина од каде стигнал куршумот. Поради тоа во моментот, убиецот на малото дете засега е слободен и не знае дека сторил тешко кривично дело со тоа што славел Нова Година со истрели. Според министерот Тошковски не станува збор за намерно пукање, туку за трагичен случај.
„Не станува збор за куршум кој што е директно насочен за да се застрела детенцето. Туку станува збор за залутан куршум.Согласно она кое што досега е споделено како информација до мене истрагата е во тек, ќе продолжиме да ги превземеме сите оние надлежни чекори се со цел да утврдиме на крајот конкретен сторител и без оглед на тоа што вие знаете дека овие се тешки случаи за откривање на конкретен сторител“, вели Панче Тошковски министер за внатрешни работи.
Новогодишната ноќ со тешки повреди ја завршиле и двајца мажи на возраст од над педесет години, кои наместо да слават, завршиле на операција поради употреба на петарди. Кај нив биле извршени ампутации на прсти, а со повреди на рацете се здобиле и пет деца.
„Едниот повозрасниот сакал да покаже како изгледа да се пукаат петарди пред внука, што мислам навистина несовесно од негова страна и ампутирани се врвовите на прстите, а другиот 50 годишниот ја зема петардата од детето за да не се повреди детето таа експлодира во неговите раце“, вели Д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска,директорката на Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија.
Доктор Павловска изрази загриженост поради тоа што родители им купуваат пиротехника на своите деца. Во меѓувреме, за нелегално внесување и транспорт на пиротехнички средства приведен е полицаец, а нелегалната роба била откриена во Велес.Министерот Тошковски размислува за зголемување на казните за оние кои тргуваат, шверцуваат и продаваат пиротехника што завршува во рацете на децата.
Симона Петровска
