Вардар загуби со 0-2 од Купс на првиот натпревар од првото квалификациско коло во Лигата на шампиони на УЕФА. Финскиот тим во Скопје стекна голема предност пред реваншот следната недела на домашен терен и е на чекор до пласман во второто коло.
Брахима Магаса ја најави победата на гостите во финишот на првото полувреме, кога погоди во 45-тата минута. На самиот старт од вториот дел, Купс зголеми на 0-2 преку Боб Армах, кој реализираше во 49-тата минута по лошата интервенција на одбраната на „црвено-црните“.
Работите за македонскиот првак дополнително се влошија во 74-тата минута, кога Немања Босанчиќ беше исклучен. Тој само десет минути по влегувањето во игра заработи два жолти картони и мораше предвреме да го напушти теренот.
Реваншот се игра следниот вторник во Финска. Доколку Вардар биде елиминиран од Лигата на шампиони, европската сезона ќе ја продолжи во второто квалификациско коло од Конференциската лига.
