Левица ја обвини Владата дека нема стратегија за справување со растот на цените на становите и кириите, откако во Собранието се расправаше за амандманите на партијата на ребалансот на Буџетот, со кои се бараат средства за изградба на јавен станбен фонд и социјални станови во Скопје, Велес, Штип и Кочани.
Од партијата посочуваат дека и покрај градежниот бум во последната деценија, цените на недвижностите продолжуваат да растат, а домувањето станува сè понедостапно, особено за младите и семејствата со пониски приходи.
„Денес живееме во држава во која се градат сè повеќе станови што сè помалку граѓани можат да си ги дозволат“, наведуваат од Левица.
Според партијата, државата треба активно да интервенира на пазарот преку изградба на јавен станбен фонд, достапни државни станови, регулирање на кириите и даночни механизми против шпекулативното акумулирање недвижности.
Левица ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека и по две години власт не понудила суштинска политика за домување и дека, наместо решенија за високите цени и кирии, го брани постојниот модел.
„За нив домот е стока, а не право; средство за профит, а не предуслов за нормален, човечки и достоинствен живот“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица најавуваат дека ќе продолжат да бараат поактивна улога на државата во станбената политика, оценувајќи дека правото на дом не смее да зависи исклучиво од висината на приходите на граѓаните.
