Македонската кошаркарска репрезентација вчера со 77-56 ја победи Ирска и се квалификуваше во главните квалификации за Европското првенство во 2029 година. За нашиот тим тоа беше петта победа на исто толку натпревари, а претквалификациите ги завршуваме со гостување кај Луксембург во недела.
Нашите кошаркари очекувано беа задоволни од резултатот и секако постигнатата цел да се пласираме во главната фаза.
„Не очекувавме убедлива победа затоа што Ирска е тврд противник, играше доста физички. Дојдоа во подмладен состав со шест кошаркари од колеџ, што малку нè изненади, но ние влеговме подготвени. Знаевме дека ова е меч кој мора да се добие за следна фаза. Среќни сме и задоволни што успеавме во целта. Сега ни следи Луксембург, против кого исто така одиме на победа и покрај тоа што сме веќе во следната фаза. По нас, Луксембург е најдобра селекција во групата, доста подобра на домашен терен. Ние немаме повеќе што да загубиме, па ќе влеземе максимално и во тој меч“, порача Стојан Ѓуроски.
„Ова беше убедлива победа за нас, ја заслуживме и неа и пласманот во наредниот циклус. Сакаме да победиме и на следниот меч со Луксембург затоа што сакаме перфектен циклус. Не припаѓаме во овие претквалификации, нам ни е местото на повисоко ниво, но чекор по чекор, мислам дека ќе дојдеме до нашата цел“, изјави нашиот најдобар кошаркар Андреј Јакимовски.
Вториот дел од квалификациите за Евробаскетот стартува кон крајот на месец август, а претходно Македонија ќе ги дознае и ривалите во групата. Ќе бидат формирани четири групи со по три репрезентации, а само победниците ќе се пласираат во главната фаза од квалификациите.
